Денеска се навршуваат 3 години од најцрниот датум во нашата демократија – 27 април. Тој 27 април е симбол на насилство, бруталност, агонија, страв и неизвесност, симбол на погазување на демократијата и уставниот поредок. Денеска, и по три години, кај секој од нас кои бевме во Собранието тој ден се уште се свежи сликите на бруталното насилство, на омразата, сликите на крвта која се пролеа во законодавниот дом, истакна Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ.
Тие слики и снимки, засекогаш ќе останат да сведочат за бруталноста, за безмилоста и монструозноста на еден режим кој цела деценија ја држеше државата во заложништво.
Тој ден, ниту јас, ниту пратениците, ниту новинарите и вработените во Собранието, нема никогаш да го заборавиме. Тоа нема да го заборават ниту граѓаните.
Нема да заборавиме на што се се подготвени ВМРО-ДПМНЕ и колку далеку можат да одат само за спречат демократска промена на власт.
Нема да ги заборавиме омразата, крвта, насилството, бруталноста и извиците за смрт тој ден, на настанот во режија на оваа партија.
ВМРО-ДПМНЕ предводена од менторот на Мицкоски, Никола Груевски, креираше сценарио во кое требаше да бидат убиени луѓе, да предизвикаат војна и да ја уништат секоја шанса за прогресивна иднина на нашата земја.
Но не им успеа. Желбата за правичност, за слобода, за демократија, напредокот и вербата во слободната волја на граѓаните ја победија желбата за омраза, за страдања, поделби и конфликти.
Денес, три години подоцна, од изолирана држава на раб на граѓанска војна, Северна Македонија е членка на НАТО и започнува преговори со ЕУ.
Денес, од поделена држава во која цветаше омразата, Северна Македонија е држава која се развива преку концептот едно општество за сите.
Тоа се огромни, суштински разлики помеѓу бруталното и насилничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и одговорното и државничко водење на државата од страна на СДСМ.
Злочинот од 27 април не смее да се заборави и не смее да се дозволи никогаш да се повтори. Но, исто така не смее да заборави и на одговорноста за сите оние кои го нарачале, организирале и спровеле тоа монструозно сценарио.
Преку одговорноста, но и преку подавање рака, го оставаме во историјата овој црн датум, со порака никогаш повеќе да не се повтори.
Само на тој начин продолжуваме напред, развивајќи се како еднакво општество за сите, како демократска држава, пријател на регионот и светот, стабилна и просперитетна држава членка на НАТО и преговарач со ЕУ.
Да живее слободна и демократска Република Северна Македонија, истакна Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ.
фото: СДСМ