Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска во Атина оствари средба со министерот за здравство на Република Грција, Василис Кикилиас на која разменија искуства за пристапот во лекување и превенција од ширење на коронавирусот, како и предизвиците со кои се соочуваат двете земји за време на пандемијата.
Повод за средбата на двајцата министри беше најавата за отворање на границите во Европа и регионот за што е потребно да се подготват усогласени протоколи за патување во регионот. Овие протоколи треба да го олеснат и забрзаат транзитот на патници.
Министерот Филипче по средбата истакна дека разговорот поминал во исклучително позитивна атмосфера каде и двајцата се согласиле дека е потребно да се обезбеди брз проток на границите кои се исклучително оптоварени во текот на летото и да се обезбеди лесен пристап до здравствени услуги на граѓаните доколку евентуално се случи да бидат заболени од коронавирусот во текот на престојот во Грција и Северна Македонија.
Во текот на следната недела двете земји ќе ги подготват предлог протоколите кои потоа ќе бидат усогласени и потпишани. Исто така, овие протоколи ќе бидат разговарани и со другите соседни земји со цел унифициран пристап и услуги во регионот кој значително ќе им го олесни движењето на граѓаните.
фото: Архива