Македонија

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Темелни реформи во сите области за создавање на нормална држава

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска, носител на листа на ИЕ 2

Снежана Костадиноска – Милошеска е универзитетски професор.
Во периодот 2006 – 2009 година извршувала функција на државен секретар во Министерството за финансии и други владини активности поврзани со функцијата, како што се: Претседател на Поткомитетот за преговори со ЕУ за економија, финансии и статистика; Член на владини комисии и тела; Претседател и Потпретседател на Фондот за здравство на РМ; Потпретседател на националниот совет за платни системи на РМ; Претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата во РМ; Претседател на комисијата за оценка на способноста на општините за влез во II –та фаза на фискалната децентрализација и слично. Во текот на овој период и потоа, има активно учествувано во креирање и спроведување на клучни економски / финансиски реформи во земјата, реформите во здравството, во јавната и локалната администрација.

Покрај практичниот придонес, има богат научен придонес. Учествувала во подготовка и изведба на многу истражувачки проекти, научни конференции, семинари, конгреси и симпозиуми во земјата и странство. Автор е на бројни економско / финансиски трудови, публикации и книги. Професор и ментор е на последипломските и докторските студии по економија при УКИМ од Скопје.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Ако морам во една реченица концизно да го спакувам одговорот, тој би бил: Мојот мотив за приклучување кон Македонски концепт е промена на црно-белиот свет во кој Македонија вегетира три децении од независноста. Оваа состојба, просто, веќе е неодржлива и многумина од нашите сограѓани ги направи апатични и не гледаат излез од состојбите, едноставно се помирени со непроменливоста. Македонски концепт е создаден токму за тоа, да активира и соедини многу граѓански активисти, неистрошени и неискомпромитирани луѓе, истомисленици, кои имаат желба, имаат знаење и фокусираност, конечно, нешто да се направи за доброто на нацијата.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Да, ова е мој прв политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: За подобра и попросперитетна иднина на македонското општество пресудно е државата да се стабилизира од секакви шокови, па потоа да се истрасираат и да се реализираат темелни реформи во сите области. Во Македонија има луѓе коишто знаат, сакаат и можат тоа да го направат, затоа ние во Македонски концепт на прво место го ставаме поединецот, го истакнуваме индивидуализмот, којшто преку професионалната и политичката профилација ќе го даде најдоброто од себе за креирање на подобра иднина за сите.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Основен приоритет е нормализација на државата! Затоа што сега е сè, само нормална држава не! Сите вредности се искривени, црното е бело, а белото е црно. Ние мора да го пресоздадеме македонското општество, да креираме клима без конфликти, без поделби, без големи провокации за мали политички поени. Ние сме современици на едно политичко милје кое опстои на создавање внатрешни конфликти и создавање анимозитети во заедницата на сите нивоа заради свој гол опстанок, а граѓаните се жртви на тој систем. Затоа, најнапред, државата мораме да ја направиме нормална!

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Македонски концепт е вреден во целина, односно ако сите работи се постават на соодветно место. Тоа би значело дека во Македонски концепт во изминатиот период се разработени мноштво идеи, се искреирани повеќе проекти, тие се преточени во конкретни мерки и проекти, за повеќе сфери од животно значење за државата. Кога тој концепт би добил можност да се реализира, за што не се сомневам дека тоа ќе се случи на претстојните избори, тогаш сложувалката – којашто, впрочем не случајно е и дел од логото на Македонски концепт – ќе ја добие целината!

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Од целиот корпус на промени, мојот личен ангажман најмногу ќе го фокусирам во работа на промените на економијата и финансиите. Ова се сферите на којшто им требаат многу концептуални промени, конкретни проекти и решенија и тука се сметам за најкомпетентна да го дадам максимумот. Таа моја комоција во овие сфери што ми ја даваат академската и практичната експертиза пратставува и едно мое мото – знаењето како потенцијал треба да се искористи кај секој од нас поединечно, за да живееме сите подобро заедно. Нашето општество, во ера на силна глобализација и конкуренција може да опстои и да биде успешно само ако се инвестира и користи врвно знаења и силна посветеност на секој поединец.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Процесите во државата мора одржливо да се управуваат. Тоа значи дека економските политики мора да се покренувачи на растот, но тој раст да биде во функција на што поголем број граѓани, а притоа паметно да се користат ресурсите. Оттука, би се заложила за динамизирање на економијата на пазарни основи со мала и ефикасна државна управа, во смисла на организација на мала и ефикасна администрација; за солидно поставен и конкурентен приватен сектор и за силно граѓанско општество, како цврст партнер на двата сектори. Притоа, силно ќе се заложам да се создадат можности за самореализација на најголем број македонски граѓани. И тоа да биде на одржлива основа, без оптоварување на идните генерации.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: Би рекла дека ова се повеќе процеси, отколку проекти кои треба синхронизирано да се планираат и спроведуваат. Значи, проектите се сегменти од процесите коишто неминовно мора да се случат во државата. А Македонски концпет ќе биде дел од нив!

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за пет години од сега.

Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска: По спроведување на процесите, а следствено на тоа и проектите предложени од Македонскиот концепт, Македонија би била стабилна држава со силен напредок кој би се манифестирал во напредно демократско општество. Татковината ја гледам и со видно зголемена благосостојба на граѓаните, во која би се намалиле социјалните и други разлики, во едно општество коешто дава шанса на сите. Затоа пледирам сите добронамерни и совесни граѓани, да ги подржат овие процеси и со свое залагање и личен пример да придонесат за напредокот на македонската држава, гледајќи ја сопствената и иднината на своите деца токму тука, а не низ белиот свет.

фото: Македонски концепт

На почеток