Магазин

ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Излез од Криза

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Колку и да се големи проблемите, неопходно е да размислуваме позитивно и да се надеваме дека ќе пронајдеме решение за излез од кризата. Главното мото на позитивната психологија се темели врз ставот: „Како размислуваш така доживуваш“.

Постојаното размислување за болест, неуспех и пораз е пат за доживување болест, неуспех и пораз. Преокупирањето со негативното отвора можност да се случи негативното. Од друга страна, позитивниот пристап и афирмативниот начин на размислување создаваат предуслови за успех, напредок и реализација.

Умот функционира низ принципи произлезени од вродени идеи, карактерни својства, стекнати ментални обрасци на однесување и навики создадени во текот на животот.

Многумина имале ужасни примери и научени се на некои мошне лоши и деструктивни навики. Негативните животни околности предизвикале нивната визија на светот да биде помрачена со алчност, себичност и несигурност. Со овие лица многу тешко оди соработката, пријателството или љубовната врска, бидејќи во сè гледаат црнило, непријателство и неубави нешта. Нивниот модел на однесување се карактеризира со критицизам, отпор и негација.

Постојат периоди кога секој од нас е подложен на негативни мисли и чувствува, страв за перспективите на иднината. Опасноста за здравјето се појавува ако долго време сме под влијание на негативни емоции и константно опфатени со стресни ситуации. Навикнувањето на умот да живее со емоционални болки, проблеми и тешкотии ќе предизвика несвесно да влегуваме во проблеми, да доживуваме болки и да се сретнуваме со тешкотии. Излезот е во промена на менталниот склоп на размислување и во поништувањето на начинот врз кој нашиот ум е програмиран од лошите искуства.

ОСНОВНИ ПРИНЦИПИ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ЛОШИТЕ МАТРИЦИ ПРОИЗЛЕЗЕНИ ОД МИНАТОТО СЕ: ПРИФАЌАЊЕ; ВЕРУВАЊЕ И ПРЕДАВАЊЕ. ТОА ЗНАЧИ ДЕКА НЕШТАТА КОИ НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ПРОМЕНИМЕ, ДОЛЖНИ СМЕ ДА ГИ ПРИФАТИМЕ; ЗА ДА ГО ПОСТИГНЕМЕ ТОА ШТО ГО САКАМЕ – МОРА ДА ВЕРУВАМЕ; ЌЕ СЕ ОТВОРИМЕ ЗА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ИДНИНАТА  – ДОКОЛКУ Ѝ СЕ ПРЕДАДЕМЕ.

Сè потекнува од умот. Афирмативните мисли и зборови претставуваат моќна енергија. Тие можат да исцелуваат, да создадат позитивна енергија помеѓу луѓето и да ја смират ситуацијата. Народната мудрост вели: „Убавиот збор, железни врати отвора;  позитивната мисла чуда создава“. Со силна верба во Бога, желбите стануваат реалност, бидејќи како што кажал Исус Христос: „Сè е можно за оној што верува“.

Затвореното срце, крутоста во размислувањето, недовербата во духовното, преокупираноста со материјалното и ниските страсти се најголеми пречки за остварување внатрешен мир. Сите ние носиме во себеси еден дел на неверие, грешност, малодушност, отпор и неприфаќање. Кога ќе се ослободиме од таквите состојби, ќе можеме својата енергија да ја искористиме за надминување на кризата и за воспоставување на смиреноста.

Силната верба и посветената молитва создаваат чуда, зашто според зборовите на папата Фрањо: „Молитвата која моли за чудо е посебно дело во кое треба да бидат вклучени сите, треба сите да бидат вовлечени. Чудата постојат и се случуваат и денес! Но за тоа е потребно да се молиме од срце“. Асоцијацијата е да настојуваме низ молитва и позитивна енергија да оствариме душевен мир на тој начин што ќе се сосредоточиме врз смирувачки мисли, зборови и дела, и дење и ноќе. Тие имаат чудесна лековита моќ и придонесуваат емоционално да се смириме, ментално да се сталожиме и душевно да се хармонизираме.

Кога повеќето од луѓето духовно ќе се сродат и прозрачат со вера, љубов и позитивна енергија, тогаш не треба да стравуваме од разни негативни влијанија произлезени од корона вируси и лоши (алчни) човечки настојувања. Треба да знаеме дека силата на доброто е секогаш помоќна од силата на злото, а кое својата сила ја црпи од незаинтересираноста на мноштвото да му се противстави на лошото. Релативизирањето на злото и игнонирањето на доброто е патоказ што води кон пропаста и ништожноста на постоењето.

ДА СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА БОГ ЗА СИТЕ НАС ИМА УБАВИ ПЛАНОВИ И ТРАСИРА ПАТ ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА. НАШЕ Е ДА СЕ ОТВОРИМЕ ЗА ПОЗИТИВНОТО И ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА ГО ПОТХРАНУВАМЕ НЕГАТИВНОТО. ТРЕБА ДА ИМАМЕ НА УМ ДЕКА ПОЕДИНЕЦОТ КОЈ ИНИЦИРА МАЛ ГРЕВ, УТРЕ ЌЕ БИДЕ СПОСОБЕН ДА НАПРАВИ МНОГУ ПОГОЛЕМ ГРЕВ, БИДЕЈЌИ „СЕКОЈ (НЕПОКАЕН) ГРЕВ РАЃА НОВ ГРЕВ“.

Сè што се случува длабоко во нас, емитира вибрации врз нештата околу нас. Голем број луѓе живеат со внатрешен конфликт и потсвесна агресивност. Тие зрачат со незадоволство и негативна енергија, манифестирајќи нетрпеливост, нетолеранција, гнев и тензија. Смирениот и пријатен човек зрачи со позитивна енергија и споделува радост, милина, виталност и топлина. Кога остваруваме контакт со позитивци, се чувствуваме убаво и сакаме почесто да бидеме во нивно друштво. Негативците предизвикуваат да се чувствуваме неубаво, изнемоштено и нервозно.

Многу од нив се енергетски вампири кои своето биополе го надополнуваат на сметка на туѓото биополе. Ако подолг временски период одржуваме блиски односи со овие личности, може да се доведеме во состојба на исцрпеност, расеаност и несигурност. Животната енергија (виталност) е најскапоцената вредност без која не можеме здраво и хармонично да функционираме. Кога креативната енергија ја излеваме на лица и ситуации кои ментално нè исцрпуваат и емоционално оптоваруваат, тогаш сериозно ја разнебитуваме психофизичката сила на личноста.

Програмирани сме да веруваме дека сме жртви на судбината, а всушност сме нејзин креатор. Од нас зависи како ќе се поставиме пред животните предизвици и тешкотии. За да се извлечеме од кризата неопходно е да престанеме да се програмираме со страв и негативни мисли и да им се докажуваме на негативците. Кога нашата свест е константно обележана со немир, страв и напнатост создаваме подлога за појава на разни несреќи и болести.

Постојаните стресови и нервози произлезени од предавањето на брзото темпо на живеење, мошне негативно влијаат врз здравствената состојба. Депресијата, анксиозноста, празнотијата и хроничниот умор го обележуваат времето во кое живееме и се производ на нетрпеливоста, тензијата и постојаното брзање со цел „ништо да не се пропушти и сè да се направи“.

Животниот стил на личноста и нејзината емотивна природа во голема мера влијаат врз состојбата на здравјето. Постои голема врска помеѓу умот и телото. За да се чувствуваме добро со самите себеси и зрачиме со љубов,здравје и убавина, неопходно е позитивно да размислуваме, да се дистанцираме од лошото и да веруваме во тоа што го работиме. Незадоволството, конфликтот, отпорот и фрустрацијата не можат да создадат мир, среќа и хармонија.

Секој поседува различно ниво на толеранција на стрес. Некои лица умеат да се носат со проблемите, додека други потклекнуваат пред тешкотиите и стануваат нервозни, вознемирени и раздразливи. Човекот е програмиран за да преживее и најтешки животни ситуации. Излезот од кризата секогаш е производ на силната волја, вербата, менталната издржливост и духовната стабилност на личноста.

Од друга страна, ниеден организам во природата не е способен да истрпи долгорочен стрес. Константната подложност на стресогени ситуации предизвикува серија негативни емоции манифестирани низ гнев, љубомора, вина, непријателство, омраза, фрустрација, тага, срам, страв, мачнина, безнадежност и несигурност. Решението е да размислуваме што правиме, да преиспитаме со кого се дружиме и да вложуваме во најскапоценото богатство што го имаме – мирот во душата.

Попуштањето пред стресот, откажувањето од борбата и прифаќањето на кризата се патокази што водат кон неуспехот, дисхармонијата и стагнацијата. За да ја избегнеме безизлезната ситуација, клучно е да внимаваме на своето здравје, да инвестираме во личниот развој и да веруваме дека ќе се извлечеме од кризата. Борбата, вербата и позитивниот дух секогаш се подобра опција од малодушноста, откажувањето и препуштањето на негативните сили на судбината.

фото: Архива

 

На почеток