Скопје

Град Скопје: ВМРО-ДПМНЕ заборави дека загадувањето е реакција на нивното долгогодишно негрижливо однесување

Градот Скопје реагира на денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое беа изнесени разни невистини и празни, неосновани обвинувања кон градоначалникот Шилегов.

Град Скопје ги негира обвинувањата и паушалните тврдења на ВМРО-ДПМНЕ во однос на активностите и напорите на Градот Скопје во борбата против загадениот воздух. Затоа, апелираме до ВМРО-ДПМНЕ, наместо да ја замајуваат јавноста со вакви неумесни соопштенија и обвинувања, да бидат конструктивни чинители и да учествуваат во борбата против загадениот воздух, нешто за кое не беа и не обрнуваа внимание за време на своето долгогодишно владеење. Загадувањето што се уште се појавува во главниот град е само реакција на долгогодишното негрижливо однесување на ВМРО-ДПМНЕ кон зеленилото во изминататата деценија. Како они да заборавија и не сакаат да се потсетат за своето брутално однесување кон дрвјата во Скопје и непланското градење занемарувајќи го интересот на граѓаните што живеат во главниот град.

ВМРО-ДПМНЕ нема никаков основ да реагира и глуми загриженост, се додека не се извини на македонската јавност за сето она што го стори во минатото, а со тоа директно придонесе денес Скопје да биде загаден град. Откако ВМРО-ДПМНЕ ќе се извини на сите граѓани, тогаш нивните предлози и критики ќе ги земеме предвид и само тогаш можеби ќе веруваме дека навистина сакаат и се грижат за градот. До тогаш, само можат слободно да ги прочитаат преземените мерки во борба со загадувањето откако Шилегов дојде на функцијата градоначалник на Скопје.

Во контекст на оваа рекација, сакаме да ја информираме и потсетиме јавноста дека Градот Скопје, во рамките на своите надлежности работи на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување  активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

Градот Скопје на овој горлив проблем му пристапува стратешки и реализира мерки во сите области кои се детектирани дека придонесуваат во загадувањето на амбиенталниот воздух.

Од аспект на зеленилото, последно што Град Скопје презема е обновувањето на дрворедите на скопските улици, оние кои од претходното раководство беа исечени и никогаш заменети и обновени. Покрај обновените дрвореди и новите во Ѓорче Петров и Бит-Пазар, во есенската акција за зазеленување на Скопје ќе бидат засадени нови 3500 дрвја на повеќе локации низ скопските општини. Несметајќи ја оваа акција, изминативе неколку месеци се спроведоа акции за садење на нови дрвја во Скопје, каде само во пролетната акција беа засадени повеќе од 6.000 нови дрвја. Исто така, Градот Скопје изминативе 6 месеци подигна нови и реконструираше зелени површини кои се простираат на над 50.000 метри квадратни.

Во оваа насока Градот Скопје работи и на два нови проекти со коишто ќе се добијат два нови големи зелени површини во Малиот ринг во Скопје, и тоа новиот парк во просторот позади Македонската филхармонија и новиот парк – зелен кров кој ќе се простира на кровот на ГТЦ.

Од аспект контролата на индустриските капацитети и инспекциските активности, Град Скопје ги следи сите индустриски инсталации кои имаат добиено од Градот Б интегрирана дозвола или усогласен елаборат за заштита на животната средина. Делот од сферата на А интегрираните дозволи се во надлежност на министерството за животна средина и врз нив контрола врши државниот инспекторат, додека сините занаетчиски објекти, претежно од угостителството се во надлежност на општинските инспекторати за животна средина.

Овој период посетени се сите капацитети кои работат со Б Интегрирана дозвола, а инспекциските служби работат во две смени. Од аспект на создавање на диви депонии и незаконско спалување на смет и останати материјали кои го загадуваат воздухот, изминатиов период Градскиот инспекторат има засилени контроли на целата територија на Скопје. Контролите се спроведуваат со комбинирани тимови на инспектори за животна средина, комунални инспектори и комунални редари. Засилените контроли продолжуваат и во наредниот период.

Засилените активности и контроли на Инспекторатот на град Скопје резултираа со драстично зголемување на бројот на мандатни казни, како и со превентивно делување со укажувања на граѓаните како се депонира комуналниот отпад и каде отпадот како градежен шут, кабаст отпад треба да биде однесен и депониран.

Од аспект на загревањето, Градот Скопје го формира новото јавно претпријатие „Градски Енергетски Системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности, која ја реализира постапката за преземање на градската топлификациона мрежа, со што ќе стане директен фактор во одлуките во оваа област, која е голем причинител за загадувањето на воздухот, како и да се вклучи во процесот на гасификација на Скопје.

Покрај ова, Градот и оваа година субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и останати течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат далеку помалку. Во оваа област како нови мерки може да се наведат и субвенциите за обука на оџачари, како дефицитарна струка, како и субвенциите за граѓаните за чистење на оџаци. Во однос на сообраќајот,

Од аспект на сообраќајот, Градот Скопје инвестира големо време и енергија во промоција на транспортен систем кој е модерен и еколошки, преку користење на јавниот превоз, како и комбинирани форми на превоз без автомобили. Во таа насока, во транспортниот систем на ЈСП изминатиов период беа вклучени неколку еколошки автобуси на гас (кој не го загадуваат воздухот), како и за првпат на линијата број 15 сообраќаше електричен автобус. Идната година Скопје ќе добие 40-тина нови еколошки автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема. Истото ќе се финансира со задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1%, 3 години грејс период и 7 години отплата, без вклучен грејс период. Како мерки од областа на сообраќајот може да се наведат и воведувањето на бесплатен превоз за сите средношколци во јавниот градски превоз, како и воведувањето на бесплатни автобуски линии до Водно со цел растеретување на сообраќајниот метеж на планината, како и воведувањето на бесплатниот автобуски превоз во деновите на висока загаденост.

Градот Скопје работи и на промоцијата на електричните возила, преку поставување на нови полначи за електрични возила на повеќе локации во Скопје кои се бесплатни за користење за корисниците на ваков вид на возила.

Промоцијата на велосипедизмот е друга сфера во која Градот работи, преку подобрување на условите и изградба на нова вело инфраструктура, како и стимулирање на граѓаните за набавка на нови велосипеди преку субвенции, каде во 2018 година Град Скопје додели 3.119 субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди. Изминативе неколку месеци се изградија или во тек на изградба се велосипедски патеки во должина од над 7 километри, како што целосно е готова велосипедската и пешачка патека на булеварот „8 Септември“, која се протега од мостот кај хотелот Александар Палас до улицата „Варшавска“ во Тафталиџе, а во тек е изградбата на вело патеката долж цел булевар Борис Трајковски (од стаклара до рампа), долж улица 11 Октомври, булевар Кочо Рацин и долж бул. Крсте Петков Мисирков до клучката кај Бит пазар.

Во моментов е распишан и јавен повик за субвенции за граѓаните за набавка на електрични тротинети, каде е предвидена субвенција во висина од 50 % од цената, но не повисока од 10.000 денари.

Од аспект на енергетската ефикасност, Градот Скопје оваа година изврши, или во тек е замена на фасадите на 11 средни училишта, и тоа „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Сарај“, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“. Овие училишта, чии објекти беа едни од поголемите загадувачи на воздухот, ќе добијат нови, енергетско ефикасни фасади кои значително придонесуваат за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух, а за заштита на учениците, набавени се прочистувачи на воздухот за сите простории во сите средни училишта на Град Скопје. Средствата за изградба на нови фасади се обезбедени од прекинувањето на проектот Скопје 2014.

Од аспект на комуналната хигиена, Градот Скопје работи на мапирање и чистење на дивите депонии, каде во голема акција беа расчистени над 3000 метри кубни смет, далеку повеќе од 2017-та (375 м3). Во таа насока, во март годинава Градот Скопје промовира посебен телефонски број (070 270 557), на кои граѓаните можат преку Вибер да пријават диви депонии со праќање на порака и фотографии, а истите можат да ги пријават и до официјалната фејсбук страница на Градот. Досега граѓаните пријавија над 300 диви депонии, а поради зголемената потреба на последниот ребаланс на Буџетот на Град Скопје за 2018 година, беа зголемени средствата за оваа намена за дополнителни 5 милиони денари. Дополнително, Градот Скопје на последниот ребаланс на Буџетот на Град Скопје предвиде и средства за набавка на нови контејнери, а се спроведоа повеќе акции за миење на градските улици и булевари. Како новитет е и хигиената на улиците, каде Град Скопје, во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ и „Водовод и канализација“, за првпат започна голема акција на рачно миење на улиците од прљавштина и прашина со што ќе се намали прашината во воздухот.

Ако само неколку од овие мерки ВМРО-ДПМНЕ ги применеше и постојано ги користеше во текот на 10 годишното владеење, денеска Скопје ќе беше град во којшто граѓаните ќе дишеа почист воздух. Затоа, низата на мерки што сега ги презема новото градско раководство се само дел од планот како Скопје повторно да се врати и биде чист и зелен град како некогаш што беше, пред владеењто на ВМРО-ДПМНЕ.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток