Македонија

Предложено задолжително психијатриско лекување за скопјанец обвинет за убиство на сопствениот татко

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за изрекување мерка на безбедност – задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа за лице обвинето за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 12 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, обвинетиот 24–годишник, на 12 април, во состојба на непресметливост поради привремено душевно растројство, при вршење семејно насилство, го лишил од живот сопствениот татко. Додека оштетениот седел на внатрешните скали кои воделе од приземјето кон повисокиот кат на куќата, обвинетиот се симнал по скалите од горниот кат, држејќи нож во раката и поради претходно нарушени семејни односи, на својот татко му задал пет рани во пределот на главата, вратот и раката. Оштетениот успеал да се оттргне и пеш тргнал кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кој бил во близина на неговото живеалиште за да побара лекарска помош. Но како последица на обилното крварење од раните кај него настапила шокова состојба, која довела до нарушување и конечен престанок на работата на виталните органи, па тој починал во кругот на Клиничкиот центар.

Со оглед на утрврдената фактичка состојба во поглед на здравствената состојба и непресметливоста на обвинетиот, јавниот обвинител му предложи на судот да ја укине претходно определената мерка притвор, но обвинетото лице да не биде пуштено на слобода, туку до завршување на постапката против него за примена на мерките на безбедност, привремено да се смести во соодветна здравствена установа.​

фото: Архива

На почеток