Македонија

Комисијата со предлог до Владата да се отворат според строгите протоколи казината, автомат-клубовите и апаратите во обложувалниците

На денешната прес-конференција министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче информираше дека на состанокот на Комисијата за заразни болести донесена е одлука да се предложи на Владата да се отворат според строгите протоколи казината, автомат-клубовите и апаратите во обложувалниците. Исто така, ќе се предложи до Владата да почне да функционира јавниот превоз во Тетово, а кон крајот на оваа недела да се отворат теретаните и фитнес-центрите, согласно веќе утврдените протоколи коишто за сите овие оператори Комисијата ги работеше заедно со претставниците на нивните здруженија.

Филипче укажа дека е задолжително сите економски оператори во целост да ги почитуваат пропишаните протоколи за заштита на здравјето на клиентите и вработените.

„Се повеќе економски оператори почнуваат да работат, но условот секако е тие строго да се придржуваат до донесените протоколи и препораки. Затоа и се изготвени тие препораки, кои досега ги почитуваат најголем дел од компаниите, рестораните, хотелите, и останатите коишто добија дозвола да работат. Апелирам апсолутно до сите целосно да се почитуваат овие протоколи заради тоа што така ќе се заштитат и клиентите и вработените“, изјави министерот Филипче.

За отворањето на границите и условите под кои тоа ќе функционира, министерот Филипче образложи дека дополнително ќе биде разговарано во текот на денешниот и утрешниот ден, по што јавноста ќе биде информирана.

„Нашата анализа покажува цел регион е во ист епидемиолошки ризик. Утрово имавме дискусија, ќе продолжиме и утре и ќе донесеме одлука. Денеска ќе разговараме и со министерствата за здравство во околните земји.“, рече Филипче.

фото: Архива

На почеток