Македонија

„Екосвест“: РЕК „Битола“ е најголем емитувач на сулфур диоксид во регионот

Емисиите на прашина од РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ во 2019 година остануваат слични како и минатите години, но емисиите на сулфур диоксид се дуплирани во споредба со 2018 година, велат од Центарот за истражување за животната средина „Екосвест“, од каде се повикуваат на извештај од „Бенквоч“.

Според овој извештај, две и пол години откако законодавството за контрола на емисиите од големи согорувачки капацитети стапи на сила преку Енергетската заедница, нашата земја е сè подалеку од исполнување на обврските.

„Покрај загрижувачките вести за целиот регион, извештајот искажува особена загриженост за ситуацијата со РЕК ‘Битола’. Емисиите на прашина повторно се 2,5 пати повисоки од дозволеното, но најголем проблем стануваат емисиите на сулфур диоксид од електраната – тие се дуплирани за само една година, од 52.823 тони во 2018 година во 105.431 тони во 2019 година. Со ова трите блока во комбинатот станаа инсталација со најголеми емисии на сулфур диоксид во регионот, а можеби и во Европа“, велат од „Екосвест“ повикувајќи се на извештајот.

Од таму објаснуваат дека сулфур диоксидот е сериозна закана по човековото здравје и по животната средина и предизвикува иритација на дишните патишта и во големи концентрации доведува до сериозни респираторни заболувања.

Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување во „Бенквоч“ и коавтор на извештајот, вели дека приоритет за излез од ваквата ситуација е да се донесе програмата за имплементација на стратегијата за развој на енергетиката.

„Преку оваа програмa ќе се избере зеленото сценарио како најисплатливо и забрзано ќе почне да се спроведува. Ова ќе овозможи во најкраток можен рок да се намалат работните часови на комбинатот и тој да се затвори во определениот рок, а со тоа и да се елимира проблемот со загадувањето што произлегува од него“, вели Пехчевски.

Од „Екосвест“ воедно порачуваат дека со забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија нема само да го подобри квалитетот на воздухот во Битолскиот Регион, туку и ќе се дојде многу блиску до намалување на емисиите на стакленички гасови.

фото: Makedonsko Sonce

 

На почеток