Свет

Ердоган: Сакаме да отвориме нова страница во односите со Германија

  Турција сака да отвори нова страница во односите со Германија, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во интервју за весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг’, во пресрет на неговата денешна посета на Берлин.

– Имаме одговорност разумно да ги унапредиме нашите односи врз основа на заедничите интереси, напуштајќи ги ирационалните стравови, изјави Ердоган, нагласувајќи дека Анкара и Берлин треба да „го притиснат копчето за рестартирање на нивните односи“.

Во интервјуто насловено „Очекувањата од Германија“, Ердоган изразува надеж дека Германија ќе ја поддржи борбата на турските власти против сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК) и против движењето на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад неуспешниот обид за преврат во Турција во јули 2016 година.

Турскиот претседател предупредува и на подемот на десничарскиот екстремизам и исламофобијата во Европа. оценувајќи дека токму исламофобијата е најголемата пречка во преговорите за членството на Турција во ЕУ.

Ердоган попладнево ќе допатува во тридневна официјална посета на Германија, со цел, како што најави Анкара, да придонесе за подобрување на политичките и економските односи меѓу двете земји.

За време на престојот во земјата, Еродган ќе се сретне со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, со канцеларката Ангела Меркел, со раководителите на неколку големи германски компании, како и со претставници на турската заедница во Германија.

На почеток