Бојан Јовановски – Боки-13 денеска во Јавното обвинителство поднел кривични пријави против повеќе носители на јавни функции, членови на нивните семејства и бизнисмени.
Преку писмо на осум страници, кое рачно го напишал, и кое беше денеска споделено во јавноста преку неговиот адвокат, Боки 13 ја информира јавноста дека пријавите се однесуваат на носители на јавни функции од актуелната извршна власт, лица од бизнис секторот, неколку цивилни лица….
-Почитувани претставници на медиумите, почитувана јавност, стручна јавност, почитувани претставници на дипломатскиот кор во нашата држава, преку оваа соопштение сакам да соопштам неколку важни факти и околности повикувајќи се на начелото на транспаретност и посебно на висок степен на јавен интерес, се наведува на почетокот на писмото Боки 13 кое го прочита неговиот адвокат Сашо Дуковски.
Во писмото Јовановски и конкретно објаснува за мотивите за поднесување на кривичните пријави.
-Вистина е дека нема ниту „П“ од правната држава туку само еден дерогиран правосуден систем во директна спрега со извршната власт. За да се одбегнат сите шпекулации со ова соопштение ви кажувам дека пријавите се однесуваат на носители на јавни функции, лица политичари кои се дел од актуелната извршна власт, за лица од бизнис секторот, за неколку цивилни лица блиски до политички носители на јавни функции, наведе Дуковски.
Бранителот на Јовановски наведе дека Боки 13 бара и заштита од меѓународните претставници во Македонија. Рече и дека денеска нема да заврши поднесувањето на доказите од страна на неговиот клиент туку дека тоа ќе продолжи и во наредниот период.