Македонија

Во ДИК не се знае кој јаде, а кој пие: Рачно се проверуваат сите записници

Конечни резултати од вчерашното гласање на предвремените парламентарни избори се уште нема. Веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК) повторно не функционира. Последните резултати пак кои беа објавени предизвикаа низа нелогичности и сомнежи.

Државната изборна комисија денеска соопшти дека се уште се врши прием на материјалите од општинските изборни комисии и рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16), како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати.

Според последната симулација на ДИК која беше објавена во раните утрински часови, распоредот на силите во новиот парламент би бил: СДСМ – 46 пратеника; ВМРО-ДПМНЕ – 44; ДУИ – 15; Алијанса за Албанците и Алтернатива – 12; Левица – 2 и ДПА – 1 пратеник. Партиите пак во текот на ноќта излегоа со други пресметки.

На почеток