Законот за управување со отпадот ја дава единствено можноста Владата на Република Северна Македонија да ја преземе обврската за воспоставувањето на регионалниот систем, доколку општините не го сторат тоа самостојно. Донесувањето на „Одлука за давање согласност“ од страна на сoветот на општината никако не значи одземање на ингеренциите за управување со отпадот, туку се однесува на одлуката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот, односно регионалната депонија и придружна инфраструктура.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Владата досега се ангажираа да помогнат во воспоставувањето на системите во сите плански региони преку изнаоѓање на финансиски средства, чие оперирање понатаму сепак ќе биде обврска на општините, здружени преку Меѓуопштински Одбор за управување со отпад и Јавно регионално претпријатие.
За Источниот и Североисточниот регион се обезбедени средства преку ИПА 2 програмата. За Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточен регион се планираат средства преку ЕБРД, а за полошкиот плански регион се добиени средства од владата на Швајцарија.
До започнувањето на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е сè уште надлежност на општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар. Општина Гостивар, преку ЈКП Комуналец од Гостивар има обврска да наплаќа за секој тон депониран отпад кој се одлага на Русино и со тие средства да ја одржува локацијата, со технички услови за заштита на животната средина, спречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично.