Бројот на случаи на хантавирус во Аргентина речиси се удвоил во текот на изминатата година, а досега се регистрирани 32 смртни случаи, што е најголем број инфекции од 2018 година наваму.
Порастот на заразата доаѓа во момент кога аргентинските власти се обидуваат да го реконструираат движењето на брачна двојка која патувала низ земјата, а подоцна починала за време на епидемијата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“, пишува Си-Ен-Ен.
Бродот испловил од пристаништето Ушуаја, на југот на Аргентина, на 1 април и моментално плови кон шпанските Канарски Острови.
Се очекува во недела рано да пристигне во индустриското пристаниште Гранадилја на Тенерифе.
Експертите за растот на бројот на случаи ги обвинуваат климатските промени и уништувањето на природните живеалишта, бидејќи болеста најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари.
Аргентинското Министерство за здравство соопшти дека во тековната сезона, која започнала во јуни 2025 година, се потврдени 101 случај на хантавирус, во споредба со 57 случаи во истиот период минатата сезона.
Освен што бројот на инфекции е значително зголемен, годинава е регистрирана и една од највисоките стапки на смртност во последните години.
Бројот на починати е зголемен за 10 процентни поени во однос на претходната година.
Во овие податоци не е вклучена епидемијата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“, чие потекло сè уште не е утврдено.
Иако во Ушуаја во последните децении немало регистрирани случаи на хантавирус, вирусот е ендемски присутен во други делови на Аргентина.
Властите веруваат дека брачната двојка што починала патувала низ повеќе региони во земјата, неколкупати ја преминала границата со Чиле и престојувала и во Уругвај пред да се качи на крузерот.
Четири региони во Аргентина традиционално се сметаат за високоризични за зараза: северозападот, североистокот, централниот дел и југот на земјата.
Се верува дека холандската двојка престојувала и во провинциите Мисионес и Неукен.
Долги години хантавирусот најчесто се поврзуваше со Патагонија, особено по смртоносната епидемија во 2018 година, кога починаа 11 лица.
Сепак, оваа сезона најголем број случаи се регистрирани во централниот дел на земјата, а провинцијата Буенос Аирес предничи со 42 потврдени случаи.
Епидемијата на бродот е поврзана со андскиот сој на хантавирус, редок, но потенцијално многу опасен вид кој во одредени случаи може да се пренесува и меѓу луѓе преку близок контакт.
Според експертите, климатските промени и деградацијата на животната средина дополнително придонесуваат за ширењето на болеста.
„Сè поголемата интеракција меѓу луѓето и дивата природа, уништувањето на живеалиштата и ефектите од климатските промени придонесуваат за појава на случаи надвор од традиционалните ендемски подрачја“, наведува аргентинското Министерство за здравство.
Екстремните временски услови, како суши и обилни врнежи, дополнително го поттикнуваат ширењето на вирусот.
Порастот на температурите влијае и врз ширењето на долгопашестиот глушец, кој е главен преносител на вирусот во Аргентина и Чиле.