Промени тема
Контакт
(Не)култура, насилство, национализам, идентитет, „Дајте музика“... - „Претрес“ на Снешка-Смешка Руси
(Не)култура, насилство, национализам, идентитет, „Дајте музика“... - „Претрес“ на Снешка-Смешка Руси

ХАНТАВИРУС

media-library6htarhp04gpsbR82zqt

Пациент со симптоми на хантавирус хоспитализиран во Лисабон

Во болницата „Сао Франциско Шавиер“ во Лисабон во понеделникот бил примен пациент за кого постои сомнеж дека е заразен со хантавирус.Станува збор за возрасен португалски државјанин со симптоми слични на грип, кој патувал со авион, а неговиот случај се поврзува со епидемијата на хантавирус што избувна на крузерот „МВ Хондиус“, каде што веќе се потврдени повеќе случаи на зараза.Главната управа за здравство на Португалија соопшти дека се спроведени сите пропишани процедури, вклучително и упатување на пациентот во референтната болница „Кури Кабрал“.Истата болница беше референтен центар и за време на пандемијата со ковид-19, а токму таму во Лисабон беше примен и првиот пациент заразен со коронавирус.Според насоките на португалските здравствени власти, дури и ако тестот е негативен кај сомнителен или веројатен случај, пациентот мора повторно да биде тестиран.Во правилата се наведува дека во рок од најмногу 42 дена од последната изложеност на потврден или веројатен случај, лицето мора повторно да се тестира и повторно да се класифицира според резултатите.Како „сомнителен случај“ се смета секое лице кое престојувало во превозно средство, како авион или брод, во кое бил регистриран потврден или веројатен случај на хантавирус.Исто така, сомнителни се и сите лица кои биле во контакт со патник или член на екипажот на бродот „МВ Хондиус“ од 5 април 2026 година до истекот на инкубацискиот период од 42 дена, доколку покажуваат симптоми како висока температура, болки во мускулите, треска, главоболка и дигестивни или респираторни проблеми.Случаи на хантавирус се регистрирани и во Германија, Италија, Шпанија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, каде што се применуваат слични мерки според препораките на Светската здравствена организација.Мерките вклучуваат шестнеделен карантин за високоризични контакти, ПЦР-тестирање, строг здравствен надзор, ограничување на движењето и одржување физичка дистанца од еден и пол до два метра.

Свет | пред 5 дена

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

Експерти предупредуваат на можен трет бран зарази со хантавирус

Денешниот ден, 19 мај, би можел да биде критичен во развојот на епидемијата на хантавирус поврзана со крузерот „Хондиус“, пишува британскиот „Телеграф“.Луксузниот брод, кој пловел под холандско знаме, превезувал околу 150 патници и членови на екипажот од 23 држави кога избувнала заразата.Досега починале три лица – постар брачен пар од Холандија и еден германски државјанин. Светската здравствена организација подоцна потврдила десет случаи на инфекција со хантавирус.Крузерот во меѓувреме пристигнал во Ротердам, а патниците и поголемиот дел од екипажот претходно го напуштиле бродот. Тие, како и лицата што биле во контакт со нив, се ставени во карантин во повеќе земји низ светот.Поради долгиот период на инкубација, засега не е можно да се утврди дали патниците што го напуштиле бродот на 24 април ја пренеле болеста на други лица.Американскиот научник Стивен Квеј пресметал дека на лицата од таканаречената втора генерација заразени – луѓе кои развиле симптоми по контакт со „нултиот пациент“ – во просек им биле потребни 22 дена за да заболат.Како „нулт пациент“ е идентификуван 70-годишниот Лео Шилперорд.Квеј проценува дека случаите од трета генерација, односно лица заразени од патниците на крузерот, би можеле да почнат да се појавуваат околу 19 мај, доколку се потврди истиот инкубациски период.Во претходни епидемии на андскиот сој на хантавирус во Аргентина, симптомите најчесто се појавувале меѓу 22 и 28 дена по изложувањето.„Сега имаме десет случаи на хантавирус, еден очигледен нулти пациент и девет случаи на пренос од човек на човек од втора генерација. Важен датум за следење е 19 мај. Ако по тој датум продолжат да се појавуваат случаи, тогаш веројатно ќе станува збор за пренос од втора во трета генерација“, изјавил Квеј.Околу 30 патници го напуштиле крузерот на островот Света Елена пред да биде откриено избувнувањето на заразата.Меѓу нив била и Миријам Шилперорд, сопругата на Лео Шилперорд, како и еден швајцарски патник кој моментално е хоспитализиран.Миријам Шилперорд била во толку тешка состојба по пристигнувањето во Јужна Африка што авиокомпанијата КЛМ одбила да ја качи на лет. Подоцна починала од вирусот.Се сомнева дека заразен е и британски државјанин кој го напуштил бродот на островот Тристан да Куња во јужниот Атлантик.Според „Телеграф“, сè повеќе докази укажуваат дека вирусот може да се пренесува од човек на човек преку телесни течности што содржат инфективни честички.Експертите нагласуваат дека ризикот за пошироката јавност е низок, бидејќи за пренос е потребен близок контакт.Сепак, постојат сомневања дека андскиот сој можеби е позаразен отколку што претходно се сметало.Професорот Џозеф Ален од Харвард изјавил дека разговарал со лекар од „Хондиус“, кој изразил загриженост затоа што дел од заразените, наводно, немале близок контакт со нултиот пациент, туку само се разминувале со него во трпезаријата или други простории.Доколку тоа се покаже како точно, би можело да значи дека андскиот сој можеби се пренесува и по воздушен пат.Во текстот се наведува и дека за време на претходна епидемија во аргентинската покраина Чубут, едно лице се заразило само откако накратко поздравило заразено лице на роденденска прослава.Оваа недела позитивни на вирусот биле тестирани и еден француски и еден американски државјанин, евакуирани од крузерот, со што бројот на сомнителни случаи пораснал на десет.Доколку сите биле заразени од нултиот пациент, тогаш стапката на репродукција на вирусот би изнесувала девет, што е споредливо со сојот омикрон на коронавирусот.„Телеграф“ наведува дека, ако денешниот ден и следните неколку дена поминат без случаи на трета генерација заразени, следниот клучен датум ќе биде 21 јуни.Дотогаш би истекол максималниот инкубациски период и повеќе не би постоела можност за нови инфекции поврзани со првичното жариште.Само доколку до тој датум нема нови случаи, епидемијата ќе може да се смета за завршена.

Свет | пред 6 дена

media-library5i16bpqa2qkt13oCbgY

Човек почина од хантавирус во САД

Возрасно лице во американската сојузна држава Колорадо почина откако било потврдено дека е заразено со хантавирус, соопштија здравствените власти.Здравствените служби наведуваат дека сојот на хантавирус што ја предизвикал смртта редовно се појавува во руралните делови на Колорадо во овој период од годината, поради зголемениот контакт меѓу луѓето и глодарите.Изворот на заразата сè уште се истражува.Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, а во ретки случаи може да се пренесе и од човек на човек по подолг близок контакт.Инкубацијата може да трае и до шест недели.Во меѓувреме, Светската здравствена организација претходно соопшти дека на луксузниот крузер „MV Hondius“ биле регистрирани повеќе случаи на тешки респираторни заболувања поврзани со хантавирус.На бродот биле потврдени осум случаи на зараза и два сомнителни случаи, а три лица починале. Сите патници биле ставени во карантин.

Свет | пред 1 седмица

media-library7lf9uob0rat05XU5wDo

Крузерот „Ем-Ви Хондиус“ пристигнува во Ротердам по епидемијата со хантавирус и оди на дезинфекција

Крузерот „Ем-Ви Хондиус“, погоден од епидемија на хантавирус, денеска треба да пристигне во Ротердам, каде што ќе биде извршена дезинфекција на бродот.Холандските власти подготвуваат карантински аранжмани за 25 членови на екипажот и двајца медицински работници кои останале на бродот.Локалните власти соопштија дека за дел од екипажот кој не е холандски државјанин се обезбедени карантински објекти, иако сè уште не е јасно дали таму ќе останат во текот на целиот препорачан карантин од 42 дена.Луксузниот крузер под холандско знаме превезувал 150 патници и членови на екипажот од 23 земји кога на 2 мај Светската здравствена организација првпат била известена за група тешки респираторни заболувања меѓу патниците.Од почетокот на епидемијата починале три лица – холандска двојка и германски државјанин.Бродот, управуван од компанијата „Океанвајд Експедиции“, претходно бил блокиран кај Зеленортските Острови, откако локалните власти забраниле искрцување на патниците поради ширењето на заразата.Светската здравствена организација и Европската Унија побарале од Шпанија да ја координира евакуацијата на патниците на Канарските Острови, по што крузерот испловил кон Ротердам со основниот екипаж и двајца дополнителни медицински работници.Хантавирусот најчесто го пренесуваат глодари, но во ретки случаи може да се пренесе и меѓу луѓе по подолг близок контакт. Инкубацијата може да трае околу шест недели.Екипажот, патниците кои веќе го напуштиле бродот и лицата кои биле во контакт со нив се ставени во карантин во повеќе држави низ светот.Светската здравствена организација во петокот го намали бројот на случаи од 11 на 10, откако еден тест во САД бил негативен.Сепак, властите во канадската провинција Британска Колумбија во саботата соопштија дека уште еден канадски патник од „Хондиус“ е позитивен на хантавирус.Од СЗО порачаа дека се очекуваат дополнителни случаи поврзани со епидемијата, но нагласија дека ситуацијата не е споредлива со пандемијата на ковид-19 и не претставува глобална пандемија.

Свет | пред 1 седмица

media-library6htarhp04gpsbR82zqt

Пресврт во борбата против хантавирусот: Шпанките ја напуштаат болницата и одат во домашен карантин

Жените кои беа хоспитализирани во Барселона и Аликанте поради близок контакт со една од жртвите на хантавирусот од холандскиот крузер „Хондиус“ од денеска ќе можат да примаат посети.Комисијата на шпанското Министерство за здравство и претставници на регионалните власти оваа недела ќе ги утврдат конкретните услови и мерки според кои ќе се спроведува домашниот карантин.Кога станува збор за останатите 13 лица кои биле во контакт со жртвата на хантавирусот, тие и понатаму се хоспитализирани во болницата „Гомез Уља“, каде што ќе бидат подложени на втор ПЦР-тест во согласност со протоколот одобрен од Комисијата за јавно здравје.Доколку резултатите бидат негативни, ќе можат постепено да ги напуштаат своите соби и да пристапуваат до заедничките простории на истиот кат каде што се сместени, како и да примаат посети од семејствата, но со задолжителни мерки за заштита и превенција.Протоколот за 70-годишниот маж кој се наоѓа во Единицата за изолација и лекување со висок степен на заштита во болницата „Гомез Уља“ предвидува тој да остане таму до целосно клиничко закрепнување.Од Министерството за здравство соопштија дека неговата состојба се подобрува и дека пациентот напредува поволно, речиси без симптоми.Во меѓувреме, карантинот за сите патници од крузерот „Хондиус“, вклучително и шпанските државјани, започнал на 10 мај, кога тие се евакуирани на Тенерифе.Нивната состојба повторно ќе биде проценета по 28 дена, иако карантинот не може да трае подолго од 42 дена, колку што изнесува периодот на инкубација на хантавирусот.Сите патници и дел од екипажот на бродот „Хондиус“ беа евакуирани на Тенерифе во рамки на операција организирана од Владата на Шпанија и Светската здравствена организација.Крузерот пристигнал на шпанскиот остров со 147 лица од 23 различни националности, а потоа повторно испловил со 25 членови на екипажот и двајца медицински работници. Се очекува утре да пристигне во холандското пристаниште Ротердам.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

Хантавирус наводно се шири на украинскиот фронт

Руски безбедносни агенции тврдат дека хантавирусот се шири меѓу припадниците на украинските вооружени сили во Сумската област, пренесе руската агенција ТАСС.Според изворите на агенцијата, причините за ширењето на вирусот се присуството на глодари, лошите санитарни услови и ослабениот имунитет кај војниците.„На Сумскиот фронт, украинските позиции се погодени од глодари, нехигиенски услови и ослабен имун систем, што придонесува за ширење на хантавирусот“, тврди изворот за ТАСС.Во извештајот се наведува дека информацијата наводно ја потврдила и лекарката од Киев, Ирина Семјонова, која изјавила дека хантавирусот е широко распространет меѓу украинските војници во Сумската област.ТАСС потсетува дека руските безбедносни служби претходно тврделе дека заразените украински војници не добиваат медицинска помош поради забрана од нивните команданти во Харковската и Сумската област.Во извештајот се додава и дека украински граничари распоредени во Черниговската област наводно „редовно умираат од хантавирус“.Руската агенција наведува и дека странски платеници кои се борат на украинска страна се жалеле на интернет за постојани здравствени проблеми меѓу украинските војници, а некои од нив состојбата ја нарекле „чума“.Хантавирусите се група вируси што најчесто ги инфицираат малите цицачи, но можат да се пренесат и на луѓе. Во потешки случаи, заразените можат да развијат оштетување на белите дробови, срцева слабост и хеморагична треска.

Свет | пред 1 седмица

media-librarymunk4dnugku3fGSMgt7

Низок е ризикот од ширење на хантавирус во Македонија

Комисија за заразни болести соопшти дека ризикот од појава и ширење на хантавирус – андес варијанта во државата е низок и дека здравствениот систем е подготвен за евентуално справување со инфекцијата.Комисијата, формирана при Министерство за здравство, одржала седница на која била разгледана актуелната состојба со појавата на кластер на хантавирус во светски рамки.Од Комисијата информираат дека Институт за јавно здравје располага со реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со стандардни оперативни процедури за негова дијагностика.Воедно, Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби има капацитети за третман на евентуални пациенти, вклучително и услови за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка.Комисијата посочува дека андес варијантата на хантавирусот, за разлика од другите варијанти, има можност за пренос од човек на човек при близок и подолготраен контакт, но нагласува дека преносот не е брз и лесен како кај коронавирусните инфекции.

Македонија | пред 1 седмица

media-library6htarhp04gpsbR82zqt

Строга изолација и 42 дена надзор: САД следат 41 лице поради можен хантавирус од крузер

Во Соединетите Американски Држави под здравствен надзор се 41 лице поради сомнеж дека можеби биле изложени на хантавирус, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Станува збор за лица за кои постои ризик од заразување поради контакт со случаи поврзани со појава на вирусот на крузер.На сите 41 лице им е наложено да останат дома и да избегнуваат контакт со други луѓе во текот на 42-дневен период на следење, што е мерка поврзана со можната подолга инкубација и ризикот од натамошно ширење.Лекарот од ЦДЦ кој ја координира ситуацијата, Дејвид Фитер, изјави дека потенцијално изложените лица припаѓаат на три главни групи: патници кои неодамна биле репатрирани и во моментот се наоѓаат во Небраска и во Емори, патници кои го напуштиле крузерот и се вратиле дома пред да биде забележана епидемијата, како и лица кои можеби биле изложени за време на патувањето, особено на летови на кои имало симптоматски случаи.Истовремено, Светската здравствена организација предупреди дека може да се очекува раст на бројот на случаи поради долгиот период на инкубација и блиските контакти меѓу патниците.Според информациите, појавата на смртоносен хантавирус (андски сој) била регистрирана на холандскиот крузер „MV Hondius“ во април годинава, за време на патување од Аргентина кон Зеленортските Острови. СЗО наведува дека инкубацијата може да трае од шест до осум недели, што ја зголемува потребата од внимателен надзор.Во меѓувреме, француската министерка за здравство Стефани Рист соопшти дека во Франција биле тестирани сите контакти на лицата позитивни на хантавирус и дека сите резултати биле негативни.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

Франција: Сите контакти на заразените со хантавирус се негативни

Француската министерка за здравство Стефани Рист денеска соопшти дека сите лица кои биле во контакт со заразени од хантавирус во Франција биле тестирани и дека сите резултати биле негативни.„Како мерка на претпазливост, со оглед на проценетата смртност од 30 до 40 проценти и долгиот период на инкубација од околу 42 дена, 26 лица се ставени во болничка изолација“, напиша Рист на социјалната мрежа X.Таа додала дека, според моменталните податоци, работата координирана од Јавно здравје Франција, INSERM и ANRS-MIE покажува дека засега може да се исклучи пренос на вирусот на други лица.Според неа, 26-те лица ќе останат под медицински надзор и ќе бидат тестирани трипати неделно.„Отсега здравствените власти повеќе нема да објавуваат информации за резултатите, освен ако не се појави позитивен тест“, навела Рист.Во Франција се хоспитализирани 22 лица, идентификувани како блиски контакти на починатата Холанѓанка, меѓу кои има и четири деца на училишна возраст.Кабинетот на францускиот премиер соопштил дека државата располага со резерви на маски доволни за најмалку три месеци во случај на епидемија.Во меѓувреме, Французинка заразена со хантавирус, која патувала со крузерот MV Hondius, се наоѓа на интензивна нега во многу тешка состојба, со сериозни проблеми со срцето и белите дробови.Специјалистот за инфективни болести Гзавије Лескур изјавил дека пациентката има најтежок кардиопулмонален облик на болеста и дека за нејзина оксигенација се користат „вештачки бели дробови“, со надеж дека организмот ќе успее да се опорави од оштетувањата предизвикани од вирусот.

Свет | пред 1 седмица

media-library07rlerres2af3dgUW5J

Руски експерт: Хантавирусот може да се запре само со претпазливост, вакцина сè уште нема

Рускиот епидемиолог Генадиј Онишченко изјави дека вакцина против хантавирус може да биде развиена, но целиот процес би можел да трае неколку години доколку се почитуваат сите медицински и регулаторни стандарди.Онишченко посочи дека развојот на вакцината не е толку научен колку што е технолошки предизвик.„Може да се направи на сличен начин како што беше развиена вакцината против коронавирусот. Но ако се следат сите процедури – претклинички испитувања и трите фази на клинички тестирања – регистрацијата ќе трае со години“, рекол тој.Според него, дополнителен проблем претставува фактот што постојат повеќе од 40 соеви на хантавирус, па треба внимателно да се утврди против кој сој би се вакцинирало населението и кои групи би имале приоритет.Онишченко нагласил дека подготвеноста на една држава за спречување епидемија „70 проценти зависи од самите граѓани“.Тој апелирал луѓето да ги следат препораките, да избегнуваат патувања во ендемски подрачја и да ги почитуваат мерките на претпазливост.„Ниту најсовремената медицина нема да биде доволна ако луѓето не ги почитуваат мерките“, предупредил рускиот експерт.Тој посочил дека од безбедносни причини треба да се избегнуваат патувања во Аргентина и земјите од Југоисточна Азија, особено бидејќи сè уште нема вакцина против хантавирус.Епидемијата на андскиот сој на хантавирус избувна на холандскиот крузер MV Hondius во април годинава, додека бродот пловел од Аргентина кон Зеленортските Острови. Светската здравствена организација предупреди дека се очекува пораст на бројот на случаи поради долгиот инкубациски период и блиските контакти меѓу патниците.

Свет | пред 1 седмица

Kislorodna-poddrska-3

Патник со хантавирус на кислородна поддршка во шпанска болница

Шпанија воведе построги карантински мерки за патниците од крузерот MV Hondius, откако еден патник позитивен на хантавирус развил респираторни проблеми и бил ставен на кислородна терапија.Државниот секретар за здравство Хавиер Падиља изјави дека пациентот е сместен во болницата Гомез Уља и засега е во стабилна состојба.Според него, пациентот во неделата навечер почнал да покажува потешкотии со дишењето, по што му била воведена кислородна терапија што довела до подобрување.„Денеска состојбата е стабилна и се надеваме дека така ќе остане“, изјави Падиља.Тој предупреди дека хантавирусот може да има многу различен тек – од лесни симптоми до брзо влошување на здравствената состојба, како во случајот со француската патничка од истиот крузер.Уште 13 патници се наоѓаат во карантин во поединечни соби во истата болница и засега немаат симптоми.Шпанското Министерство за здравство усвои нов протокол според кој патниците ќе останат во карантин 42 дена, почнувајќи од 10 мај, а состојбата повторно ќе биде проценета по 28 дена.Во првите седум дена мерките ќе бидат „многу строги“, а патниците повторно ќе бидат тестирани по една недела. Доколку резултатите останат негативни, можно е делумно олеснување на мерките со контролирани посети и ограничено користење на заеднички простории.„Безбедносните мерки мора да ги земат предвид и менталната и емоционалната состојба на луѓето во карантин“, додаде Падиља.

Свет | пред 1 седмица

media-library6htarhp04gpsbR82zqt

Хантавирус на 4 континенти: Патници од крузерот со хантавирус под карантин и надзор

Здравствените власти ширум светот трагаат по десетици патници кои го напуштиле крузерот MS Hondius, по појава на опасен сој на хантавирус, кој потенцијално се пренесувал меѓу патниците.Според информациите, патници од 12 држави по слегувањето од бродот патувале низ светот без да знаат дека можеби се заразени, што предизвикало тревога на четири континенти.Светската здравствена организација засега проценува дека ризикот за јавното здравје е низок, но предупредува дека станува збор за опасниот сој „Андес“, единствениот вид хантавирус што може да се пренесува од човек на човек.Во Холандија, како „нулти пациент“, се смета 70-годишен маж кој починал заедно со сопругата како последица на вирусот. Третиот заразен Холанѓанец е лекар од бродот, кој бил евакуиран и се лекува во изолација.Во карантин во Ајндховен се наоѓа и државјанин на Црна Гора, член на екипажот на бродот, кому не му е дозволено да го напушти хотелот додека траат здравствените мерки.Инфекцијата е потврдена и кај двајца Британци, додека во САД еден патник бил позитивен без симптоми, а друго лице со симптоми е хоспитализирано во Атланта. Американските власти следат контакти во најмалку седум сојузни држави.Меѓу починатите има и патник од Германија, а позитивен случај е потврден и кај швајцарски државјанин кој патувал преку Јужна Африка и Катар пред да развие симптоми.Случаи под надзор се регистрирани и во Полска, Грција, Данска и Сингапур, додека 38 морнари од Филипините се во карантин во Ротердам пред враќањето дома.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

(Видео) СЗО предупредува на можен раст на случаите со хантавирус: Инкубацијата трае и до осум недели

Светската здравствена организација предупреди дека во наредниот период може да има зголемување на бројот на случаи со хантавирус, поради доцното потврдување на заразата на крузерот „МВ Хондиус“.Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на прес-конференција изјави дека првиот случај бил регистриран уште на 6 април, додека инфекцијата како заразна била потврдена дури околу 24 или 25 април.Според него, во тој период патниците имале бројни меѓусебни контакти, што ја зголемува можноста за понатамошно ширење на вирусот, и покрај превентивните мерки што подоцна биле воведени.„Би очекувале повеќе случаи“, изјави Гебрејесус, додавајќи дека инкубацискиот период на хантавирусот трае меѓу шест и осум недели.Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, а во ретки случаи е можна и трансмисија од човек на човек.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

Во Украина потврдени два случаи на хантавирус

Во Украина се потврдени два случаи на хантавирус, а двата се регистрирани во градот Хмелницки, соопштиле лекарите од Инфективната болница во регионот.Веста предизвикала загриженост кај граѓаните, особено по информациите за смртни случаи поврзани со вирусот во други земји.Инфектологот Викторија Бондар изјавила дека хантавирусот не е нов и дека е познат со децении.„Ова не е еден конкретен вирус, туку големо семејство вируси што природно се пренесуваат преку диви глодари“, објаснила таа.Хантавирусот спаѓа во зоонози – инфекции што се пренесуваат од животни на луѓе. Според лекарите, различни варијанти на вирусот постојат низ светот, при што некои предизвикуваат благи симптоми, а други можат да бидат опасни по живот.Кај првиот пациент во Хмелницки била дијагностицирана акутна хеморагична треска со бубрежен синдром, додека вториот пациент имал оштетување на црниот дроб, осип и висока температура.И двата случаи биле лабораториски потврдени.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

Во Франција 42-дневен карантин за 22 лица кои биле во контакт со заразени од хантавирус

Француските власти почнаа да спроведуваат засилен болнички карантин за лицата идентификувани како контакти на случаи со хантавирус, пренесува БФМ ТВ.Францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорни вчера изјавил дека „сите контактни случаи, без исклучок“, ќе бидат сместени во засилен карантин во болнички услови.Според медиумите, дел од изолацијата започнала уште во понеделникот вечерта, додека останатите контакти ќе бидат префрлени во изолација во текот на денешниот ден.Контактните случаи се следат во повеќе региони на Франција, а целта е нивно згрижување во најблиските центри за заразни болести.Еден случај веќе е потврден во Бретања, каде што лицето прво било во самоизолација во департманот Финистер, а потоа било префрлено во Универзитетската болница во Рен.Според протоколот на Светската здравствена организација, карантинот трае 42 дена.Мерката се однесува на вкупно 22 идентификувани контактни случаи во Франција.Осум лица биле на летот од Света Елена до Јоханесбург на 25 април, со кој патувал и патник од холандскиот крузер кој починал по инфекција со хантавирус.Француската влада соопштила дека сите брзо биле изолирани и тестирани, а резултатите засега се негативни.Преостанатите 14 контакти биле идентификувани на летот меѓу Јоханесбург и Амстердам.Најпрво им била наредена самоизолација, по што владата одлучила сите да бидат опфатени со засилен карантин.Француската влада најави дека секојдневно ќе се одржуваат два меѓуресорски состаноци посветени на хантавирусот.Првиот состанок ќе се одржува во утринските часови и ќе биде фокусиран на погодените региони и хоспитализираните контакти, додека вториот ќе се одржува попладне.

Свет | пред 1 седмица

media-library07rlerres2af3dgUW5J

Не бил испочитуван протоколот: 12 вработени во болницата се во карантин поради хантавирус во Холандија

Поради можна инфекција со хантавирус, 12 вработени во болницата „Радбауд“ во холандскиот град Најмеген се ставени во карантин, откако не биле целосно испочитувани безбедносните протоколи, пренесуваат холандските медиуми.Според „НЛ Тајмс“, вработените биле вклучени во третманот на пациент, патник од крузерот „Хондиус“, кој бил позитивен на хантавирус.Во болницата не биле целосно почитувани строгите процедури при ракување со крв и урина од заразениот пациент.Иако ризикот од инфекција се оценува како низок, од болницата соопштиле дека вработените, од претпазливост, ќе останат во карантин шест недели.Не е објавено дали станува збор за лекари, медицински сестри, болничари, студенти по медицина или друг персонал.Три лица досега починале од хантавирус по неодамнешната епидемија меѓу 147 патници и членови на екипажот на патничкиот брод што пловел под холандско знаме.Две од жртвите се идентификувани како брачен пар од холандскиот регион Фризија, додека третата жртва е германска државјанка.Досега најмалку седум лица биле позитивни на хантавирус, а за уште неколкумина постои сомнеж дека се носители на инфекцијата.

Свет | пред 1 седмица

media-librarynu895defg3c45y8j8M4

Патниците по евакуација од крузерот со хантавирус одат во карантин, а бродот оди на дезинфекција

Светска здравствена организација и шпанските власти денеска планираат да го завршат симнувањето на сите патници од крузерот „MV Hondius“, по епидемијата на хантавирус што предизвика меѓународна здравствена тревога.Според шпанските медиуми, по заминувањето на две групи патници кон Холандија и Австралија, бродот ќе исплови кон Ротердам со околу 30 лица на бродот, каде што ќе биде извршена целосна дезинфекција.Шпанските патници ноќта ја поминале во Воената болница „Гомез Уља“ без симптоми, по што ќе бидат префрлени во карантин за понатамошно следење на нивната здравствена состојба.Досега, според официјалните податоци, евакуирани се 94 патници, а уште 24 лица треба да бидат транспортирани во нивните матични земји. Организирани се седум летови за патници од осум различни држави.Француската министерка за здравство Стефани Рист изјави дека една француска државјанка, евакуирана во неделата, за време на летот развила симптоми и била позитивна на хантавирус. Нејзината состојба, според министерката, „се влошила преку ноќ“.Во Франција се идентификувани 22 лица како контакти и тие ќе останат во изолација.Во меѓувреме, жена од Шпанија која била во контакт со еден од починатите патници е хоспитализирана во карантин во Аликанте, иако два теста биле негативни на вирусот.На бродот имало патници од повеќе земји, меѓу кои Холандија, Германија, Индија, Белгија, Грција, Украина, Аргентина и Црна Гора.Според досегашните информации, три лица починале од почетокот на епидемијата, а уште пет лица кои претходно го напуштиле бродот биле заразени со хантавирус.Хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари, а во ретки случаи е можно и пренесување меѓу луѓе. Симптомите најчесто се појавуваат една до осум недели по изложувањето на вирусот.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryk5rp9n8id5ml9Qh5jXI

Од хантавирус, лани починала сопругата на легендарниот актер кој глумеше во Супермен, Џин Хекман

Светската јавност минатата година беше потресена од веста за смртта на прославениот актер Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава, која починала од последици од хантавирус.Трагедијата повторно се најде во фокусот по случувањата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“, каде што тројца патници ги загубија животите поради вирусот, познат и како „глувчешка треска“.Истрагата утврдила дека Бетси Аракава починала од хантавирусен белодробен синдром, а изворот на заразата бил пронајден во помошните објекти на нивниот дом во Санта Фе.Иако Џин Хекман не бил заразен со хантавирус, неговата нарушена здравствена состојба, вклучувајќи срцеви проблеми и Алцхајмерова болест, придонела за неговата смрт во истиот период.Кога телата биле пронајдени, тие веќе биле во состојба на делумна мумификација, што укажува дека подолго време останале незабележани во куќата.Хантавирусот претставува група вируси што ги пренесуваат глодари, а луѓето најчесто се инфицираат со вдишување честички од исушен измет, урина или плунка од заразени животни.Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, вирусот ретко може да се пренесе и преку каснување или гребнатина од глодар.Хантавирусот може да предизвика две тешки заболувања.Првото е хантавирусен белодробен синдром, кој започнува со замор, треска и болки во мускулите, а подоцна се јавуваат главоболка, вртоглавица, тресење и стомачни проблеми. Ако се развијат респираторни симптоми, смртноста достигнува околу 38 проценти.Второто заболување е хеморагична треска со бубрежен синдром, која најмногу ги оштетува бубрезите и може да предизвика внатрешни крварења, низок крвен притисок и акутна бубрежна слабост.Според податоците на Националниот институт за здравје, секоја година во светот се регистрираат околу 150.000 случаи на хеморагична треска со бубрежен синдром, најмногу во Европа и Азија, а повеќе од половината случаи се во Кина.Во САД, од 1993 до 2023 година биле регистрирани 890 случаи на хантавирус.За вирусот не постои специфичен лек. Лекарите применуваат поддржувачка терапија, која може да вклучува кислород, механичка вентилација, антивирусни лекови и дијализа.Центарот за контрола и превенција на болести препорачува избегнување контакт со глодари, затворање на сите отвори низ кои тие можат да навлезат во домовите и користење заштитна опрема при чистење простории каде има измет од глодари.

Свет | пред 2 седмици

media-library6htarhp04gpsbR82zqt

Аргентина бележи најголем број инфекции со хантавирус од 2018 година

Бројот на случаи на хантавирус во Аргентина речиси се удвоил во текот на изминатата година, а досега се регистрирани 32 смртни случаи, што е најголем број инфекции од 2018 година наваму.Порастот на заразата доаѓа во момент кога аргентинските власти се обидуваат да го реконструираат движењето на брачна двојка која патувала низ земјата, а подоцна починала за време на епидемијата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“, пишува Си-Ен-Ен.Бродот испловил од пристаништето Ушуаја, на југот на Аргентина, на 1 април и моментално плови кон шпанските Канарски Острови.Се очекува во недела рано да пристигне во индустриското пристаниште Гранадилја на Тенерифе.Експертите за растот на бројот на случаи ги обвинуваат климатските промени и уништувањето на природните живеалишта, бидејќи болеста најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари.Аргентинското Министерство за здравство соопшти дека во тековната сезона, која започнала во јуни 2025 година, се потврдени 101 случај на хантавирус, во споредба со 57 случаи во истиот период минатата сезона.Освен што бројот на инфекции е значително зголемен, годинава е регистрирана и една од највисоките стапки на смртност во последните години.Бројот на починати е зголемен за 10 процентни поени во однос на претходната година.Во овие податоци не е вклучена епидемијата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“, чие потекло сè уште не е утврдено.Иако во Ушуаја во последните децении немало регистрирани случаи на хантавирус, вирусот е ендемски присутен во други делови на Аргентина.Властите веруваат дека брачната двојка што починала патувала низ повеќе региони во земјата, неколкупати ја преминала границата со Чиле и престојувала и во Уругвај пред да се качи на крузерот.Четири региони во Аргентина традиционално се сметаат за високоризични за зараза: северозападот, североистокот, централниот дел и југот на земјата.Се верува дека холандската двојка престојувала и во провинциите Мисионес и Неукен.Долги години хантавирусот најчесто се поврзуваше со Патагонија, особено по смртоносната епидемија во 2018 година, кога починаа 11 лица.Сепак, оваа сезона најголем број случаи се регистрирани во централниот дел на земјата, а провинцијата Буенос Аирес предничи со 42 потврдени случаи.Епидемијата на бродот е поврзана со андскиот сој на хантавирус, редок, но потенцијално многу опасен вид кој во одредени случаи може да се пренесува и меѓу луѓе преку близок контакт.Според експертите, климатските промени и деградацијата на животната средина дополнително придонесуваат за ширењето на болеста.„Сè поголемата интеракција меѓу луѓето и дивата природа, уништувањето на живеалиштата и ефектите од климатските промени придонесуваат за појава на случаи надвор од традиционалните ендемски подрачја“, наведува аргентинското Министерство за здравство.Екстремните временски услови, како суши и обилни врнежи, дополнително го поттикнуваат ширењето на вирусот.Порастот на температурите влијае и врз ширењето на долгопашестиот глушец, кој е главен преносител на вирусот во Аргентина и Чиле.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

Хаос по евакуацијата од крузерот со хантавирус: Американец позитивен на хантавирус, Французин добил симптоми во авион

Евакуиран американски патник од крузерот „Ем-Ви Хондиус“ бил тестиран позитивно на хантавирус, додека француски државјанин развил симптоми за време на одделен лет.Американските здравствени власти соопштија дека еден од 17-те американски патници е позитивен на вирусот, но засега не покажува никакви симптоми.Претходно, еден од петтемина француски патници добил симптоми за време на летот кон дома, по што останатите патници биле ставени во строга изолација до понатамошни проверки.Францускиот премиер Себастијан Лекорни изјавил дека уште четворица патници наскоро ќе бидат тестирани.Јапонското Министерство за надворешни работи соопштило дека јапонски државјанин пристигнал во Велика Британија со чартер-лет организиран од британската влада и дека ќе остане под здравствен надзор на британските власти до 45 дена.Во Велика Британија, властите најавиле дека патниците прво ќе бидат хоспитализирани 72 часа во карантин, по што ќе следуваат шест недели самоизолација.Според холандското Министерство за надворешни работи, меѓу 26-те патници на бродот имало осум холандски државјани, како и патници од Индија, Германија, Аргентина, Белгија, Грција, Португалија, Украина, Гватемала, Филипини и Црна Гора.Од почетокот на епидемијата починале три лица, а петмина патници кои претходно го напуштиле бродот биле заразени со хантавирус.Хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари, но во ретки случаи може да се пренесе и меѓу луѓе.Симптомите најчесто се појавуваат меѓу една и осум недели по изложеноста на вирусот.

Свет | пред 2 седмици

media-library5i16bpqa2qkt13oCbgY

Прв авион со евакуирани патници од крузерот „МВ Хондиус“ полета кон Мадрид

Првиот авион со шпански патници евакуирани од крузерот „МВ Хондиус“, каде што се појавил хантавирус, денеска полета од Тенерифе кон Мадрид. Шпанските власти соопштија дека патниците ќе бидат сместени во карантин во воена болница во главниот град.Групата ја сочинуваат 13 патници и еден член на екипажот, кои со автобуси на Единицата за вонредни ситуации на шпанската армија биле пренесени директно од пристаништето во Гранадилја до аеродромската писта на Тенерифе, под придружба на возила на цивилната заштита.По пристигнувањето во Мадрид, патниците ќе бидат префрлени во воздухопловната база Торехон, а потоа ќе продолжат со изолација во Централната воена болница „Гомез Уља“.Шпанската министерка за здравство, Моника Гарсија, изјави дека операцијата се одвива нормално и со сите неопходни безбедносни мерки. Таа потврди дека никој од повеќе од 140 лица на крузерот засега не покажува симптоми на вирусот.Компанијата „Оушнвајд Експедишнс“, оператор на крузерот, соопшти дека патници и членови на екипажот од други националности ќе бидат евакуирани во текот на денешниот и утрешниот ден.Последниот репатријациски лет ќе биде организиран за австралиски државјани, додека Холандија утре ќе испрати специјален авион за патниците чии земји дотогаш нема да организираат евакуација.Околу 30 членови на екипажот ќе останат на бродот, кој потоа ќе отплови кон Холандија, каде што ќе биде извршена дезинфекција.Крузерот во средата испловил од Зеленортските Острови кон Шпанија, откако Светската здравствена организација и Европската Унија побарале организирање евакуација поради појавата на хантавирус.

Свет | пред 2 седмици

media-library0b13s3ok25331Q1OaWJ

(Видео) Почна евакуацијата на патниците од крузерот со хантавирус на Тенерифе

Шпанија започна со евакуација на патниците од крузерот „МВ Хондиус“, на кој беше регистрирана појава на хантавирус, откако бродот се закотви во близина на пристаништето Гранадиља на Тенерифе.Шпанското Министерство за здравство соопшти дека здравствени екипи се качиле на бродот за последни медицински проверки пред почетокот на истоварување на патниците.Патниците потоа со запечатени автобуси ќе бидат пренесени до главниот аеродром на островот, од каде ќе заминат кон своите матични држави.Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија Гомез изјави дека процесот на евакуација ќе трае до понеделник попладне по локално време.Според Европската агенција за јавно здравје, сите патници на луксузниот крузер се третираат како високоризични контакти од претпазливост.Шпанските државјани први ќе го напуштат бродот, а потоа и патниците од другите земји во организирани групи. Околу 30 членови на екипажот ќе останат на бродот, кој потоа ќе отплови кон Холандија за дезинфекција.Крузерот во средата испловил од Зеленортските Острови кон Шпанија, откако Светската здравствена организација и Европската Унија побарале организирана евакуација поради ширењето на вирусот.Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во саботата пристигна на Тенерифе заедно со шпански министри за да го следи пристигнувањето на бродот.СЗО соопшти дека досега осум лица се заболени, меѓу кои и тројца починати – холандска брачна двојка и германски државјанин. Потврдени се шест случаи на зараза, додека уште два се под сомнение.Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, но во ретки случаи може да се пренесе и од човек на човек.

Свет | пред 2 седмици

media-library0us5fppistsrbt08elH

(Видео) Крузерот со заразените од хантавирус пристигна на Тенерифе: Запечатени автобуси ги превезуваат патниците до аеродромот

Крузерот на кој се појави смртоносниот хантавирус пристигна рано утринава во близина на пристаништето Гранадилја на Тенерифе, каде ќе биде закотвен за евакуација на патниците и дел од екипажот.Патниците, од кои ниту еден не покажал знаци на инфекција, ќе бидат тестирани од страна на шпанските здравствени власти, а потоа со мали чамци ќе бидат префрлени на копно, соопштија шпанските власти, пренесува Reuters.Запечатени автобуси потоа ќе ги превезат патниците до главниот аеродром на островот, каде ќе се качат во авиони за своите земји.„Од претпазливост, сите патници на луксузниот крузер ‘MV Hondius’ се сметаат за високоризични контакти“, соопшти во саботата навечер Европската агенција за јавно здравје.Шпанските државјани први ќе се симнат од бродот, а припадниците на останатите националности ќе следуваат во групи, соопштија владини претставници во саботата.Триесет членови на екипажот ќе останат на бродот и ќе отпловат кон Холандија, каде бродот ќе биде дезинфициран.Бродот во средата тргнал од Зеленортските Острови кон Шпанија, откако Светската здравствена организација и Европската унија побарале да се организира евакуација на патниците поради појавата на хантавирус.Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, во саботата навечер пристигнал на Тенерифе на Канарските Острови, заедно со шпанските министри за внатрешни работи, здравство и територијална политика, за да го дочекаат пристигнувањето на бродот.СЗО во петокот соопшти дека осум лица заболеле, вклучително и тројца кои починале – холандска двојка и еден германски државјанин.Потврдено е дека шест лица се заразени со вирусот, додека уште два случаи се сомнителни, наведе СЗО.Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, но во ретки случаи може да се пренесе и од човек на човек.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryc6d6vuj4gv1h6bwHhpi

Аргентина бележи рекорден број случаи на хантавирус

Бројот на случаи на хантавирус во Аргентина речиси се удвоил во последната година, а регистрирани се и 32 смртни случаи, што претставува најголем број заразени од 2018 година.Порастот на случаите се случува додека аргентинските власти се обидуваат да го реконструираат патувањето на холандски брачен пар, кој патувал низ државата пред да почине по избувнувањето на заразата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“.Според Си-Ен-Ен, стручњаците сметаат дека климатските промени и уништувањето на природните живеалишта придонесуваат за ширењето на вирусот, кој најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари.Крузерот испловил од пристаништето Ушуаја на југот на Аргентина на 1 април и моментално плови кон Канарските Острови во Шпанија, а се очекува в недела рано наутро да пристигне во индустриското пристаниште Гранадилја на Тенерифе.Аргентинското Министерство за здравство соопштило дека во тековната сезона, која започнала во јуни 2025 година, се регистрирани 101 потврден случај на хантавирус, во споредба со 57 во истиот период претходната сезона.Годинава е забележана и една од највисоките стапки на смртност во последните години, со пораст од 10 процентни поени во однос на минатата година. Во тие бројки не се вклучени случаите поврзани со крузерот „Ем-Ви Хондиус“, чие потекло на заразата сè уште не е утврдено.Иако во Ушуаја во последните децении не бил регистриран ниту еден случај на хантавирус, вирусот е ендемичен во други делови на Аргентина. Властите веруваат дека починатиот брачен пар посетил повеќе региони, неколкупати преминувајќи ја границата со Чиле и Уругвај пред качувањето на бродот.Се претпоставува дека тие престојувале и во покраините Мисионес и Неукен, кои се сметаат за ризични подрачја.Заразата на бродот е поврзана со андскиот вид на хантавирус, редок, но потенцијално опасен облик кој во одредени случаи може да се пренесува и меѓу луѓе при близок контакт.Историски гледано, четири географски области во Аргентина се сметаат за високоризични: северозападот, североистокот, централниот дел и југот на државата.Со години хантавирусот најмногу се поврзувал со Патагонија, особено по смртоносната епидемија во 2018 година, во која загинаа 11 лица. Но, оваа сезона најголем број случаи се регистрирани во централниот регион, а предничи покраината Буенос Аирес со 42 случаи.Стручњаците предупредуваат дека екстремните временски услови, како суши и обилни врнежи, придонесуваат за ширење на вирусот. Повисоките температури создаваат промени во екосистемот што влијаат врз ширењето на долгопашестиот глушец, главен преносител на вирусот во Аргентина и Чиле.Специјалистот за заразни болести Едуардо Лопес изјавил дека глодарите подобро се приспособуваат на климатските промени, што може да го објасни зголемениот број случаи.Потпретседателот на Латиноамериканското здружение за вакцини, Роберто Дебаг, предупредил дека шумските пожари и туристичките движења дополнително го зголемуваат ризикот.Аргентинското Министерство за здравство најавило испраќање тимови во Ушуаја за да фатат и анализираат глодари на местата поврзани со движењето на холандскиот пар.Сепак, директорот за епидемиологија за Огнена Земја, Хуан Петрина, изјавил дека временската рамка не укажува дека тие се заразиле таму, бидејќи престојувале во градот само од 29 март до 1 април.Избувнувањето на заразата на крузерот предизвика споредби со ковид-19 и стравувања од нова пандемија.Докторката Шарлот Хамер од Универзитетот Кембриџ изјавила дека андскиот вид на вирусот најчесто се пренесува преку многу близок контакт со заразен глодар, а преносот од човек на човек е ограничен.„Крузерот, за жал, е средина во која луѓето имаат близок и продолжен контакт во релативно мали простории. Но, тоа не е ситуација со каква што вообичаено се соочуваме“, изјавила Хамер.Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, директно им се обратил на жителите на Тенерифе.„Знам дека сте загрижени. Кога ќе го слушнете зборот ‘епидемија’ и ќе видите брод што плови кон вашите брегови, се будат спомени што никој целосно не ги заборавил. Но, сакам јасно да ме слушнете: ова не е нов ковид-19“, порача Тедрос.Тој уверил дека постои план за безбедност и дека ризикот од пренос е низок, бидејќи на бродот во моментов нема патници со симптоми.Воедно му се заблагодарил на шпанскиот премиер Педро Санчес за прифаќањето на бродот, нарекувајќи го тоа „чин на солидарност и морална должност“.

Свет | пред 2 седмици

media-librarynu895defg3c45y8j8M4

СЗО: Хантавирусот не е нов ковид, ризикот е низок

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, пристигна на Тенерифе за лично да ја смири јавноста по појавата на случаи на хантавирус на крузерот „МВ Хондиус“.Тој порача дека ризикот за локалното население е многу низок и дека ситуацијата не треба да се споредува со пандемијата на ковид-19.Крузерот, кој плови од Јужна Америка, се очекува да пристигне во пристаништето Гранадиља во недела наутро. Досега се потврдени шест случаи на зараза меѓу патниците, вклучувајќи и еден од трите смртни случаи што се случиле за време на патувањето.Според СЗО, се работи за сојот „Андес“, кој најчесто се пренесува преку глодари, но може да има и ограничена меѓучовечка трансмисија. Симптомите вклучуваат висока температура, замор, болки во мускулите и стомакот, повраќање и отежнато дишење.Гебрејесус во обраќање до јавноста истакна дека на бродот во моментот нема патници со активни симптоми и дека ситуацијата е под медицински надзор. На пловилото се наоѓа експерт на СЗО заедно со холандски лекари кои спроведуваат постојани прегледи.Шпанските власти соопштија дека патниците ќе останат на бродот додека не бидат организирани нивните летови за репатријација кон повеќе европски и светски дестинации, меѓу кои Велика Британија, САД, Франција, Германија, Белгија и Ирска.И покрај локалните протести и политички реакции, Гебрејесус ја пофали одлуката на шпанските власти, оценувајќи ја како чин на солидарност и одговорност, нагласувајќи дека Тенерифе е избран поради соодветната медицинска инфраструктура за справување со ситуацијата.

Свет | пред 2 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања