Бројот на случаи на хантавирус во Аргентина речиси се удвоил во последната година, а регистрирани се и 32 смртни случаи, што претставува најголем број заразени од 2018 година.
Порастот на случаите се случува додека аргентинските власти се обидуваат да го реконструираат патувањето на холандски брачен пар, кој патувал низ државата пред да почине по избувнувањето на заразата на крузерот „Ем-Ви Хондиус“.
Според Си-Ен-Ен, стручњаците сметаат дека климатските промени и уништувањето на природните живеалишта придонесуваат за ширењето на вирусот, кој најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари.
Крузерот испловил од пристаништето Ушуаја на југот на Аргентина на 1 април и моментално плови кон Канарските Острови во Шпанија, а се очекува в недела рано наутро да пристигне во индустриското пристаниште Гранадилја на Тенерифе.
Аргентинското Министерство за здравство соопштило дека во тековната сезона, која започнала во јуни 2025 година, се регистрирани 101 потврден случај на хантавирус, во споредба со 57 во истиот период претходната сезона.
Годинава е забележана и една од највисоките стапки на смртност во последните години, со пораст од 10 процентни поени во однос на минатата година. Во тие бројки не се вклучени случаите поврзани со крузерот „Ем-Ви Хондиус“, чие потекло на заразата сè уште не е утврдено.
Иако во Ушуаја во последните децении не бил регистриран ниту еден случај на хантавирус, вирусот е ендемичен во други делови на Аргентина. Властите веруваат дека починатиот брачен пар посетил повеќе региони, неколкупати преминувајќи ја границата со Чиле и Уругвај пред качувањето на бродот.
Се претпоставува дека тие престојувале и во покраините Мисионес и Неукен, кои се сметаат за ризични подрачја.
Заразата на бродот е поврзана со андскиот вид на хантавирус, редок, но потенцијално опасен облик кој во одредени случаи може да се пренесува и меѓу луѓе при близок контакт.
Историски гледано, четири географски области во Аргентина се сметаат за високоризични: северозападот, североистокот, централниот дел и југот на државата.
Со години хантавирусот најмногу се поврзувал со Патагонија, особено по смртоносната епидемија во 2018 година, во која загинаа 11 лица. Но, оваа сезона најголем број случаи се регистрирани во централниот регион, а предничи покраината Буенос Аирес со 42 случаи.
Стручњаците предупредуваат дека екстремните временски услови, како суши и обилни врнежи, придонесуваат за ширење на вирусот. Повисоките температури создаваат промени во екосистемот што влијаат врз ширењето на долгопашестиот глушец, главен преносител на вирусот во Аргентина и Чиле.
Специјалистот за заразни болести Едуардо Лопес изјавил дека глодарите подобро се приспособуваат на климатските промени, што може да го објасни зголемениот број случаи.
Потпретседателот на Латиноамериканското здружение за вакцини, Роберто Дебаг, предупредил дека шумските пожари и туристичките движења дополнително го зголемуваат ризикот.
Аргентинското Министерство за здравство најавило испраќање тимови во Ушуаја за да фатат и анализираат глодари на местата поврзани со движењето на холандскиот пар.
Сепак, директорот за епидемиологија за Огнена Земја, Хуан Петрина, изјавил дека временската рамка не укажува дека тие се заразиле таму, бидејќи престојувале во градот само од 29 март до 1 април.
Избувнувањето на заразата на крузерот предизвика споредби со ковид-19 и стравувања од нова пандемија.
Докторката Шарлот Хамер од Универзитетот Кембриџ изјавила дека андскиот вид на вирусот најчесто се пренесува преку многу близок контакт со заразен глодар, а преносот од човек на човек е ограничен.
„Крузерот, за жал, е средина во која луѓето имаат близок и продолжен контакт во релативно мали простории. Но, тоа не е ситуација со каква што вообичаено се соочуваме“, изјавила Хамер.
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, директно им се обратил на жителите на Тенерифе.
„Знам дека сте загрижени. Кога ќе го слушнете зборот ‘епидемија’ и ќе видите брод што плови кон вашите брегови, се будат спомени што никој целосно не ги заборавил. Но, сакам јасно да ме слушнете: ова не е нов ковид-19“, порача Тедрос.
Тој уверил дека постои план за безбедност и дека ризикот од пренос е низок, бидејќи на бродот во моментов нема патници со симптоми.
Воедно му се заблагодарил на шпанскиот премиер Педро Санчес за прифаќањето на бродот, нарекувајќи го тоа „чин на солидарност и морална должност“.