Без јавни детали за дијагнозата, четворица астронаути ја напуштија Меѓународната вселенска станица и се упатија кон Земјата, откако кај еден член на екипажот се појавила потреба од медицинска процена што не може да се спроведе во орбита. Станува збор за прва медицинска евакуација во историјата на НАСА.
Екипажот, составен од астронаути од САД, Русија и Јапонија, ја напушти орбиталната лабораторија во среда со капсула на SpaceX, а слетувањето во Тихи Океан во близина на Сан Диего се очекува во четврток наутро. Со ова, нивната мисија е скратена за повеќе од еден месец.
Од агенцијата појаснија дека здравствената состојба на астронаутот е стабилна и не станува збор за итна, животозагрозувачка ситуација, но проценката е дека е побезбедно медицинските испитувања да се направат на Земјата, каде што постои целосна дијагностичка инфраструктура. Идентитетот на астронаутот и природата на здравствениот проблем не се соопштени, повикувајќи се на медицинска приватност.
Командантот на станицата, Мајк Финке, изјави дека одлуката е донесена исклучиво од претпазливост и дека болниот астронаут е „безбеден и добро згрижен“. Тој нагласи дека ризикот да се продолжи престојот во орбитата уште еден месец е поголем од привременото намалување на екипажот на станицата.
Мисијата започна во август и требаше да трае до крајот на февруари. Во екипажот беа и астронаутката Зина Кардман, јапонскиот астронаут Кимија Јуи и рускиот космонаут Олег Платонов. На почетокот на јануари, NASA ненадејно откажа планирана вселенска прошетка, а неколку дена подоцна донесе одлука за предвремено враќање.
Агенцијата соопшти дека здравствениот проблем не е поврзан со вселенска прошетка или со тековни операции на станицата. Сепак, по заминувањето на екипажот, во орбитата остануваат само тројца астронаути, што значи дека сите планирани и итни вселенски прошетки ќе бидат одложени додека не пристигне нов тим.
NASA и SpaceX веќе работат на прилагодување на распоредот за лансирање на нов четиричлен екипаж од Флорида, планирано за средината на февруари. До тогаш, орбиталната лабораторија ќе функционира со минимален персонал.
Иако компјутерските модели предвидувале дека медицинска евакуација од станицата може да се случи еднаш на секои неколку години, ова е прв ваков случај во повеќе од шест децении американски летови со човечки екипаж. Во историјата, слични инциденти имало само во советската програма, кога во 1985 година космонаут бил предвремено вратен од станицата „Саљут 7“ поради сериозна инфекција.
Одлуката ја донесе новиот администратор на NASA, Џаред Исакман, кој ја презеде функцијата во декември. „Здравјето и благосостојбата на астронаутите секогаш се апсолутен приоритет“, порача тој, ставајќи јасна граница меѓу научната мисија и човечкиот ризик.
Оваа евакуација, иако без спектакуларни сцени, испрати јасна порака: и во вселената, човечкото здравје останува поважно од секоја мисија.