Авионот на „Виетнам ерлајнс“ за малку избегнал катастрофа при полетување од аеродромот во Минхен, откако „Боинг 787 Дримлајнер“ полетал дури по истекот на јужната писта, оценил стручњак за воздушен сообраќај.
Според стручњакот Хајнрих Гросбонгарт, ситуацијата можела да заврши со стотици жртви доколку пилотите во последен момент не го подигнале авионот.
„Можела да настане огнена топка со стотици жртви доколку пилотите во последен момент не го подигнале авионот“, изјавил Гросбонгарт за ДПА.
Авионот полетал во саботата попладне, но според достапните информации, тоа се случило дури откако ја поминал крајната точка на јужната писта. Снимките од полетувањето покажуваат големи облаци прашина и силни потреси во кабината.
Дополнително, според порталот „Aviation Herald“, пред полетувањето најмалку дел од сопирачките на десната страна на авионот биле блокирани.
Поради малата брзина при полетувањето, опашката на авионот удрила во земјата и била сериозно оштетена. При последното слетување на северната писта биле оштетени и гумите на главниот систем за слетување.
Од аеродромот соопштиле дека патниците не биле повредени и со автобуси биле префрлени во терминалната зграда.
Сега истрагата треба да утврди што точно се случило и зошто екипажот не го прекинал полетувањето навреме. Според Гросбонгарт, податоците од записите на летот и снимките од разговорите во пилотската кабина треба да помогнат во утврдувањето на текот на настаните, а истрагата би можела да трае со месеци.
И покрај сериозноста на инцидентот, Гросбонгарт смета дека тој не е причина за генерално сомневање во безбедноста на авионот „Боинг 787 Дримлајнер“, кој го оцени како „апсолутно безбеден патнички авион“.
Неодамна, авион на „Луфтханза“ од истиот тип на аеродромот во Франкфурт паднал на носот откако попуштил предниот систем за слетување. Тогаш причината била грешка при одржувањето.