Поранешниот висок американски функционер Брет Мекгурк откри детали за напнатите разговори во администрацијата на Џо Бајден во април 2024 година, кога Вашингтон се обидувал да спречи директната конфронтација меѓу Израел и Иран да прерасне во поширока војна.
Мекгурк, кој во администрацијата на Бајден беше еден од клучните луѓе за Блискиот Исток, во текст за „Атлантик“ опишува како ситуацијата ескалирала по израелскиот напад врз ирански објект во Дамаск на 1 април 2024 година, во кој беше убиен високиот ирански командант Мохамад Реза Захеди. Иран потоа започнал подготовки за голем напад врз Израел.
Во истиот период односите меѓу Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху биле сериозно влошени поради војната во Газа и најавената израелска операција во Рафа. Дополнителни тензии предизвикал и израелскиот напад во кој во Газа беа убиени седум хуманитарни работници на „World Central Kitchen“.
Според сведоштвото на Мекгурк, Бајден на состанок во Белата куќа бил видно лут и од своите соработници побарал совет што да му каже на Нетанјаху. Во телефонскиот разговор, според Мекгурк, американскиот претседател остро му се обратил на израелскиот премиер и му посочил дека САД би можеле да ја прекинат воената помош за Израел. Нетанјаху одговорил дека Израел ќе се брани и без американска поддршка.
На 13 април Иран започнал голем напад врз Израел. Според Мекгурк, биле лансирани околу 200 беспилотни летала, 30 крстосувачки ракети и повеќе од 100 балистички ракети.
САД во одбраната на Израел ангажирале борбени авиони, воени бродови и противракетни системи, координирајќи ја операцијата со Израел и други држави во регионот. Поголемиот дел од иранските ракети и беспилотни летала биле пресретнати пред да стигнат до своите цели.
Мекгурк опишува дека Бајден и неговите соработници во ситуациската соба во Белата куќа во реално време го следеле иранскиот напад. Во еден момент било потврдено дека повеќе од 100 балистички ракети се во воздух, додека американските и израелските системи истовремено започнале со пресретнување.
Откако станало јасно дека нападот не предизвикал голема штета, Бајден повторно разговарал со Нетанјаху. Според Мекгурк, американскиот претседател му порачал да ја „прифати победата“ и евентуалниот израелски одговор да го ограничи на начин што ќе го одврати Иран, но нема да предизвика нова ескалација.
Мекгурк оценува дека американската воена интервенција помогнала иранскиот напад да заврши без големи израелски жртви, со што се намалил притисокот врз Израел да преземе голем контранапад.
Текстот во „Атлантик“ е адаптиран од книгата на Мекгурк „Brink: Inside the Race to Free the October 7th Hostages“.