Откако ренџерите на Национален парк Шар Планина денеска спречија пет ратраци на приватната компанија Ескимо Фрирајд да превезуваат скијачи на високите терени на Шар Планина поради немање соодветна дозвола, компанијата реагираше со остро соопштение во кое ги нападна медиумите и самата институција, тврдејќи дека инцидентот бил неоправдан и дека требало да ѝ се дозволи непречено да продолжи со работа.
Од Националниот парк соопштија дека ратраците биле запрени бидејќи вршеле комерцијална дејност без склучена спогодба со јавната установа, што е спротивно на важечката регулатива за движење со моторни возила во заштитеното подрачје. Потсетуваат дека вакви активности се дозволени исклучиво во зоните за активно управување и тоа само по претходно потпишан договор, со цел заштита на природата и биодиверзитетот.
Спротивно на ова, од „Ескимо Фрирајд“ тврдат дека со децении придонесуваат за развојот на туризмот и скијањето на Попова Шапка и дека токму поради тие заслуги требало да им се дозволи да продолжат со работа, иако формално немале одобрение. Компанијата, која наплатува услуги за превоз на скијачи до недопрените и неуредени падини на повисоките делови од Шар Планина, наведува дека „20 години управува со фрирајд-операции“, обидувајќи се својата дејност да ја прикаже како придонес од јавен интерес.
Во реакцијата, компанијата остро ги нападна медиумите кои известуваа за постапувањето на Националниот парк, обвинувајќи ги дека ја манипулираат јавноста, а притоа тврдеше дека полицијата не ги отстранила нивните вработени од терен, туку тоа го сториле ренџерите на паркот. Дополнително, „Ескимо Фрирајд“ наведе дека авансно уплатиле 5.000 евра кон Националниот парк, но и покрај тоа биле спречени да продолжат со дејноста, иако во секој случај повторно ќе мора да побараат дозвола од истата институција.
Компанијата го нарече Националниот парк „нова ултрабирократска институција“ и го обвини дека под превезот на екологија и биодиверзитет, како што наведуваат, селективно постапува и дозволува загадување, сеча и дивоградби низ планината, без притоа да понуди конкретни докази за овие тврдења.
Од Националниот парк „Шар Планина“ возвратија дека правилата важат еднакво за сите и дека движењето со ратраци е строго ограничено. Потсетуваат дека во зоните на строга заштита вакви активности се целосно забранети, а во зоните за активно управување можат да се одвиваат само со јасно дефиниран договорен однос.
„Операторите задолжително мора да имаат склучено договор со Јавната установа, со кој се утврдува режимот на движење и надзор, со цел да се заштити природното богатство и биодиверзитетот на Националниот парк“, нагласуваат од институцијата, додавајќи дека ќе продолжат со засилени контроли и законско постапување кон сите што ја прекршуваат регулативата.