На повеќе недозволени пристапи во пределот на Јелак и Попова Шапка на Шар Планина се поставени физички препреки со цел да се спречи движењето на моторни возила надвор од дозволените патишта.
Од ЈУ Национален парк Шар Планина информираат дека интервенцијата ја реализирале чуварите на природата, откако во изминатиот период повеќепати укажувале на проблемот со недозволеното возење, особено во високопланинските предели. На дел од локациите пристапите претходно биле затворени и со механизација на АРМ.
Од Националниот парк потсетуваат дека, согласно важечката Одлука за режим на движење со моторни возила, движењето во природа е забрането, освен во населените места и по патиштата каде што е дозволено.
Возењето надвор од дозволените патишта може да ја оштети почвата и високопланинските пасишта, да го вознемирува дивиот свет и да создава проблеми за сточарите и нивните стада. Истовремено, ваквото движење влијае и врз планинарите и другите посетители кои ја посетуваат планината за мирно и безбедно престојување во природата.
Од Националниот парк апелираат поставените препреки да се почитуваат и да не се оштетуваат или отстрануваат.
„Почитувајте го режимот на движење. Возете само таму каде што е дозволено. Пасиштата и планинските предели не се полигони за возење“, порачаа од Националниот парк Шар Планина.