Boeing откри софтверски проблем кај дел од авионите 737 MAX, кој во одредена комбинација на околности може да доведе до исклучување на една од функциите за автоматско водење на летот при приод за слетување.
Проблемот е поврзан со софтверот на компјутерот за управување со летот и може да се појави по прекинато слетување, односно маневар „go-around“, доколку пилотите потоа ја променат однапред програмираната траса на летот.
Станува збор за верзиите 14 и 14.1 на оперативниот софтвер. Boeing минатиот месец ги известил операторите на 737 MAX за проблемот.
Американските авиокомпании Southwest Airlines и United Airlines побарале засега да не им се испорачуваат нови авиони со засегнатата верзија на софтверот, туку со претходната верзија.
Според информациите на CBS News, Alaska Airlines, American Airlines, Southwest и United наведуваат дека нивните 737 MAX авиони, кои моментално се во редовен сообраќај, не ја користат спорната верзија на софтверот.
Проблемот може да се појави во ретка комбинација на околности. По неуспешен приод за слетување, пилотот со вклучен автопилот ја менува програмираната траса, по што системот за вертикална навигација VNAV може да се исклучи и да премине на поедноставен облик на автоматско управување со наклонот на авионот.
Од Boeing нагласуваат дека автопилотот продолжува да работи и дека пилотите се обучени безбедно да управуваат со авионот и без VNAV. Компанијата повторно ги потсетила операторите на постојните процедури за вакви ситуации и работи на трајно софтверско решение.
Американската Федерална управа за цивилно воздухопловство (FAA) потврдила дека е запознаена со проблемот и дека соработува со Boeing и авиокомпаниите. Регулаторот ќе го разгледа случајот и ќе преземе мерки доколку утврди дека постои безбедносен ризик.
Според CBS News, Boeing за проблемот првпат дознал од една авиокомпанија во ноември 2024 година. Во февруари 2025 година компанијата проценила дека не станува збор за безбедносен проблем, но по дополнителните информации од операторите годинава започнала формална безбедносна проверка. Резултатите овој месец биле доставени до FAA.
Boeing првично им најавил на авиокомпаниите дека трајното софтверско решение би можело да биде достапно во 2028 година, но сега се обидува да го забрза неговиот развој.
Случајот би можел да има влијание и врз плановите за новите верзии на 737 MAX. MAX 7 неодамна доби сертификат од FAA, додека MAX 10 сè уште е во процес на сертификација. Верзијата 14 на софтверот била користена за MAX 7, а верзијата 14.1 за време на сертификациските тестирања на MAX 10.
Според Wall Street Journal и CBS News, регулаторната проверка на софтверскиот проблем би можела да влијае врз завршувањето на сертификацијата на MAX 10, која веќе доцни со години.
737 MAX е под засилен регулаторен надзор по двете несреќи на MAX 8 во Индонезија во 2018 и во Етиопија во 2019 година, во кои загинаа вкупно 346 лица. По несреќите, авионите од овој тип беа привремено приземјени ширум светот.
Boeing повторно се најде под притисок на почетокот на 2024 година, кога за време на лет на Alaska Airlines од речиси нов 737 MAX 9 отпадна панелот што го затвора отворот за дополнителна врата на трупот. Истрагата случајот го поврза со пропусти во производството.