Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска порача дека соларната енергија веќе е дел од сегашноста на македонската енергетика, но дека понатамошниот развој на обновливите извори мора да се темели на подобро планирање и посилна енергетска мрежа.
Божиновска, која ја отвори петтата Годишна соларна конференција во организација на Македонската соларна асоцијација – Солар Македонија, истакна дека новата регулатива и годишните планови треба да создадат попредвидливи услови за инвестиции и посигурен енергетски систем.
„Не можеме да градиме обновливи капацитети побрзо од она што мрежата може безбедно да го прими. Со новата регулатива и годишните планови Македонија создава предвидлив амбиент за инвестиции и сигурен енергетски систем“, рече Божиновска.
Таа посочи дека со годишните планови за развој на енергетската инфраструктура однапред ќе се утврдува каде, кога и какви нови капацитети може да се развиваат, согласно можностите на мрежата.
„Сакаме да ставиме крај на пристапот ‘прво да изградиме, па потоа да бараме решение за мрежата’. Паралелно со новите соларни и ветерни капацитети, Министерството работи на зајакнување и дигитализација на преносната и дистрибутивната мрежа, како и на развојот на батериското складирање“, истакна министерката.
Божиновска додаде дека Македонија се подготвува и за нови енергетски технологии. Како пример ја посочи Водородната студија и гасниот интерконектор со Грција, кој е проектиран со можност за иден транспорт на зелен водород.
Таа упати порака до инвеститорите дека државата останува отворена за нови вложувања во енергетиката, но оти тие треба да се реализираат според јасни и еднакви правила.
„Нашата задача е да создадеме систем во кој добрата инвестиција има сигурност, државата има контрола врз својот енергетски систем, а граѓаните добиваат сигурна и достапна енергија“, порача Божиновска.