Октоберфест годинава ќе ги пречека посетителите со рекордно високи цени на пивото. Просечната цена на литар ќе изнесува 15,61 евра, што е речиси пет пати повеќе од цената што посетителите ја плаќале во 1985 година.
Според Андреас Рис, главен економист на „УниКредит банк“ во Германија, растот на цените на пивото на познатиот фестивал во Минхен значително го надминал растот на потрошувачките цени во земјата во изминатите децении.
Во 1985 година литар пиво на Октоберфест чинел просечно 3,20 евра. Годинава цената е зголемена за околу 400 отсто, додека потрошувачките цени во Германија во истиот период пораснале за околу 120 отсто, според податоците што ги наведува Рис.
Во однос на минатата година, пивото годинава е поскапо за 2,4 отсто. Тоа е нешто под очекуваната годишна инфлација во Германија од околу три проценти.
Октоберфест, кој важи за најголем фестивал на пиво во светот, започнува в сабота и ќе трае до 4 октомври. Фестивалот традиционално ќе го отвори минхенскиот градоначалник Доминик Краузе со отворање на првото буре.
Се очекува милиони посетители од целиот свет да пристигнат во Минхен, каде што пивото традиционално се служи во еднолитарски кригли, познати како „маса“.
Рис смета дека растот на цените можеби се приближува до својот врв, бидејќи високите цени вообичаено се поврзуваат со послаба побарувачка. Сепак, како што забележал тој со доза на иронија, тешко дека некој би се обложил дека следната кригла ќе биде поевтина.
Октоберфест е еден од најпознатите настани во Германија и важен дел од баварската култура. Фестивалот годишно придонесува со повеќе од една милијарда евра за локалната економија.