Нов удар врз животниот стандард на граѓаните претставува новото поскапување на горивата, реагира СДСМ, од каде што бара Владата итно да преземе мерки за намалување на цените.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, посочи дека цената на дизелот од вчера надмина 100 денари за литар, додека Владата, според неа, не презема мерки за ублажување на последиците врз граѓаните.
Од СДСМ бараат ДДВ-то за горивата да се намали од 18 на 5 отсто, а акцизите да се преполоват.
Поповиќ посочи дека во изминатите шест месеци дизелот поскапел за 43 отсто, поради што полнењето резервоар од 50 литри сега, според пресметките на партијата, чини повеќе од 1.500 денари во споредба со пред шест месеци.
„Нема намалување на ДДВ, нема намалување на акцизата, нема мерки за заштита на стандардот“, рече Поповиќ, додавајќи дека премиерот Христијан Мицкоски веќе изјавил дека нема намера да го намали ДДВ-то за горивата.
Според СДСМ, последиците од поскапувањето не се ограничуваат само на трошокот за гориво. Повисоките цени влијаат и врз транспортот, производството и земјоделството, а дополнително создаваат притисок врз цените на прехранбените производи.
Од партијата оценуваат дека во услови кога значителен дел од семејните приходи се троши за храна и пијалаци, секое дополнително поскапување директно го намалува животниот стандард на граѓаните.
„СДСМ бара намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 5 отсто и намалување на акцизата за 50 отсто. Овие две мерки ќе имаат директен ефект врз намалување на цените на сите горива, намалување на потрошувачката кошница и вкупното ниво на цените“, порача Поповиќ.
Таа ја повика Владата да ги прифати предлозите на СДСМ и да преземе мерки за да се ублажи ударот врз стандардот на граѓаните.