На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ бара власта веднаш да ги објави официјалните анализи за квалитетот на водата во Гостивар и јавно да соопшти кој ги потпишал резултатите и која институција гарантира дека водата е безбедна за пиење.
Поповиќ ја обвини власта дека додека граѓаните сè уште ги чекаат официјалните документи за состојбата со водата, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ организираат партиски прослави во Гостивар.
Поповиќ оцени дека наместо одговорност за здравствената криза, граѓаните добиваат партиски настани, додека, како што тврди, сè уште нема јавно достапни документи со кои се потврдува безбедноста на водата.
Таа посочи дека граѓаните на Гостивар 22 дена биле изложени на неисправна вода, а повеќе од 5.000 лица побарале медицинска помош, додека пет недели подоцна, според неа, нема јавно објавен извештај или официјална потврда за резултатите од анализите.
„Ако сè е во ред, тогаш прашањето е многу едноставно: зошто пет недели нема официјално објавени резултати од анализите на водата во Гостивар? Зошто документите се кријат од јавноста? Кој ги потпишал анализите? Која институција официјално гарантира дека водата е безбедна за пиење?“, праша Поповиќ.
Од СДСМ сметаат дека необјавувањето на документите дополнително создава несигурност и недоверба кај граѓаните, особено по различните информации што во изминатиот период беа изнесувани за состојбата со водоснабдувањето.
Поповиќ се осврна и на изјавата на министерот за здравство Азир Алиу дека анализите на водата се вршат секојдневно.
„Ако анализите се прават секој ден, каде се резултатите и зошто не се објавени? Пет недели власта тврди дека водата е исправна, а пет недели нема јавен документ што го потврдува тоа“, рече таа.
Според СДСМ, граѓаните наместо јасна потврда од надлежните институции и стручните лица, добиваат изјави и различни информации за безбедноста на водата.
„Стручно лице кое ќе застане пред јавноста – нема. Институција која со потпис и печат ќе потврди дека водата е безбедна – нема. Само изјави, контрадикторни информации и ‘чувства’“, истакна Поповиќ.
СДСМ повторно побара итно објавување на сите анализи и официјални документи поврзани со квалитетот и безбедноста на водата во Гостивар.
„Граѓаните на Гостивар не бараат славење, партиски прослави и здравици. Бараат документ и бараат чиста вода. Бараат вистина, бараат одговорност. Објавете ги веднаш анализите за водата во Гостивар“, порача Поповиќ.