Државната изборна комисија соопшти дека денеска навремено се отворени сите избирачки места и дека гласањето се одвива без потешкотии.
„Државната изборна комисија известува дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем“, стои во соопштението на Комисијата.
Македонија денеска гласа на осмите локални избори од независноста. На вкупно 3.474 избирачки места право на глас имаат 1.832.415 граѓани, кои ќе го избираат локалното раководство во 80 општини и Градот Скопје.
Гласачките места се отворени од 7:00 до 19:00 часот, а по затворањето ќе можат да гласаат само оние кои во тој момент се наоѓаат во објектот.
Ден претходно, своето право на глас го остварија 2.162 лица во затвори и притвор, 8.848 болни и изнемоштени, како и 442 лица сместени во установи за вонсемејна грижа.
На локалните избори не гласа дијаспората, но државјаните кои живеат или работат во странство и се наоѓаат во земјава денес, можат да го остварат своето избирачко право.
Според Изборниот законик, за градоначалник во првиот круг е избран оној кандидат што ќе добие мнозинство гласови од излезените избирачи, под услов излезноста да биде најмалку една третина од вкупниот број запишани гласачи во општината. Ако излезноста биде помала, изборниот процес се повторува.
Изборите за градоначалници се спроведуваат по мнозински модел, а за советнички листи – по пропорционален модел, во еден круг.
ДИК најави дека првичните резултати ќе бидат објавувани сукцесивно по електронски пат, додека конечните резултати ќе бидат соопштени најдоцна во рок од 24 часа по нивната правосилност.