Црната облека е една од најомилените, но и една од најчувствителните кога станува збор за перењето. Во летниот период, поради честото перење и високите температури, темните маици, панталони и фустани брзо ја губат својата интензивна боја.
Едноставен трик може да помогне црната гардероба подолго да остане како нова. Потребно е во преградата за омекнувач да се додаде половина шолја бел алкохолен оцет, додека детергентот се става во својата преграда. Оцетот помага да се затворат влакната на ткаенината, со што се намалува губењето на пигментот при перењето. Воедно ги отстранува наслагите од детергент и варовник, поради кои темната облека често изгледа без сјај. По сушењето, мирисот на оцет целосно исчезнува.
За најдобар ефект, темната облека треба да се пере на температура до 30 степени, бидејќи повисоките температури го забрзуваат избледувањето. Се препорачува и користење на помала количина детергент, како и перење на облеката превртена наопаку.
Доколку немате оцет, како алтернатива може да послужи и кујнска сол. При првото перење на нова црна облека, една лажица крупна сол ставена директно во барабанот може да помогне бојата подобро да се фиксира и подолго да остане интензивна.
Не помалку важно е и сушењето. Директното сонце е еден од главните виновници за избледување на темните ткаенини, па затоа се препорачува црната гардероба да се суши во сенка или во добро проветрена просторија.
Со овие едноставни навики, омилената црна облека ќе ја задржи својата боја и свеж изглед значително подолго.