Белата боја со години важи за најдобар избор во текот на летните горештини, бидејќи ги одбива сончевите зраци и помага телото полесно да остане свежо. Но, таа има и недостаток – лесно се валка од пот и креми за сончање, па не секогаш е најпрактична.
Според стручњаците, покрај белата, уште три бои можат да помогнат полесно да се поднесат високите температури. Тоа се жолтата, сивата и, изненадувачки, црвената, кои исто така добро ги одбиваат сончевите зраци и придонесуваат за помало загревање на телото.
Од друга страна, се препорачува да се избегнуваат сината, светлозелената, темнозелената и црната боја, бидејќи тие апсорбираат повеќе топлина и создаваат чувство на поголема жештина.
Освен бојата, важен е и материјалот од кој е изработена облеката. Најдобар избор за лето се природните ткаенини, како памукот и ленот. Тие овозможуваат подобра циркулација на воздухот, ја впиваат влагата и му помагаат на телото полесно да ја регулира температурата.
Стручњаците советуваат да се носи поширока и покомотна облека наместо тесни парчиња, бидејќи така воздухот полесно циркулира околу телото. Иако кратките маички без ракави изгледаат како практичен избор, облеката што ги покрива рамената и дел од рацете може подобро да заштити од сончевите зраци и да го намали ризикот од изгореници.
За најдобра заштита во жешките денови, комбинацијата од светли бои, природни материјали и удобен крој останува најдобриот избор.