Активистите на Зелен Хуман Град алармираат за серија пожари и густ чад во околината на Скопје, забележани вчера, од запалена депонија во Арачиново до повеќе активни пожари во селата Никуштак, Орланци и околината на Илинден.
„11:45, 5 април, недела. Од активисти на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД беше забележан огромен чад кој доаѓаше од Арачиново, видлив дури од Ченто.
11:57, на излегување од населбата по стариот пат за Куманово, чадот стануваше се поголем и поголем и се почувствува страшна миризба - гореше депонијата на излезот на Арачиново! Веднаш беше пријавено на бројот за итни случаи - 112. По разговор со тимот на противпожарната бригада, истите се заблагодарија за пријавата и рекоа дека ќе пратат екипи.
15:25 часот, на враќање кон Скопје од Куманово по истиот пат, беше забележан огромен чад од с. Никуштак, како да гореше некоја плевна. Беа забележани и неколку помали чадови од истото село - не од оџаците, туку од дворовите, како луѓето да се договориле да палат нешто колективно.
15:40 - забележан активен пожар кај с. Орланци, гореше ридот со ниски грмушки од селото кон патот. Имаше необична раздвиженост на ридот и во долината во селото.
15:43 Забележан помал чад од шума веднаш после с. Орланци.
15:45 забележан е пожар на нива кон Илинден.
15:48 На пристигнување во Арачиново, забележан е 2-3 пати поголем чад од истата депонија, без знаци дека е некако гаснат или контролиран. Тогаш активистите го пријавија пожарот во Орланци и пожарот на депонијата. Од таму им беше одговорено дека за Орланци е најверојатно контролирано палење стрниште и дека ќе испитаат ситуација, а за депонијата дека знаат дека гори и дека ќе горела така уште неколку дена. Ќе горела така уште неколку дена?
Со ова сакаме јавно да прашаме:
1. Дали некоја надлежна институција има план конечно да ги стави под контрола палењата на шуми и стрништа и
2. Дали некоја институција има план да го стави под контрола пожарот од депонијата во Арачиново?
"Знаеме, ќе гори неколку дена така" не е одговор кој смее да се дозволи да помине од институција која е платена со наши пари да се справи и да нѐ заштити нас граѓаните од вакви ситуации.
Додека да се изгасне самата за неколку дена, целиот чадот ќе се слева во скопската котлина. Чад полн со екстремно токсични и канцерогени бензени, диоксини, фурани, јаглеродни диоксиди и моноксиди, како и ПМ честици.
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД јавно ги повикува надлежните институции, финансирани со народни пари, конечно да почнат да ги извршуваат своите обврски за кои ги плаќаме“, стои во објавата.