Домашните компании имаат уште неколку дена за да се пријават на двата јавни повици на Министерството за економија и труд, со кои се обезбедува финансиска поддршка за унапредување на производството, технолошките процеси и конкурентноста. Крајниот рок за пријавување е вторник.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информира дека преку двата повика компаниите можат да добијат поддршка од најмногу 500.000, односно 200.000 денари, при што Министерството покрива 70 проценти од прифатливите трошоци.
Првиот јавен повик е наменет за продлабочување на соработката меѓу производствените компании и универзитетите, со цел унапредување на технологијата и технолошките процеси. Предвидено е воведување иновативни методи поврзани со циркуларната економија, дигитализацијата и паметната специјализација.
Вкупната вредност на повикот е пет милиони денари, а можат да учествуваат преработувачки компании во партнерство со универзитети. Поединечна компанија може да добие до 500.000 денари, со покривање на 70 проценти од прифатливите трошоци.
Вториот повик е наменет за домашните компании, а средствата треба да се искористат за имплементација и стандардизација на процесите и подобрување на конкурентноста. За оваа мерка се издвоени два милиони денари, додека поединечна компанија може да добие најмногу 200.000 денари, со 70 проценти покривање на трошоците.
Ристески вели дека интересот за ваквите мерки е голем, бидејќи тие им овозможуваат на компаниите да го унапредат производството, да го подобрат квалитетот и да воведат европски стандарди, како и нови дигитални решенија и практики поврзани со паметната специјализација.
Според него, поддршката за домашниот бизнис веќе дава резултати преку зголемување на индустриското производство и инвестициите, отворање нови производни капацитети и создавање нови работни места.