Продажбата на мнозинскиот удел во Лос Анџелес Лејкерс отвори нови прашања околу иднината на Лука Дончиќ во славната НБА франшиза. Словенечкиот кошаркар има договор со тимот до 2028 година, но во американските медиуми веќе се појавија шпекулации дека во иднина би можел да размислува за враќање во Далас Маверикс.
Лејкерс неодамна добија нови мнозински сопственици, а трансакцијата е проценета на рекордни 12,5 милијарди долари. Дополнително, дел од семејството Бас го продаде својот удел, што дополнително ја зголеми неизвесноста околу идното функционирање на клубот.
Според Сем Квин од „CBS Sports“, промените во сопственичката структура би можеле да имаат влијание и врз Дончиќ. Тој потсетува дека Словенецот за само три години поминал низ повеќе сопственички структури и смета дека Лејкерс ќе мора да го убедат дека имаат јасен план за создавање тим способен за освојување на титулата.
Дончиќ има можност да стане слободен агент во 2028 година, додека Лејкерс би можеле да му понудат продолжување на договорот во 2027 година. Квин како потенцијална алтернатива го посочува токму Далас, тимот во кој Дончиќ ја започна НБА кариерата.
Сепак, самиот Дончиќ по информациите за продажбата испрати позитивна порака и порача дека е возбуден поради можноста да се запознае со новите сопственици.
Тој истакна дека му значи што е дел од Лејкерс и дека сака да му помогне на тимот да стигне до шампионската титула во Лос Анџелес.
И покрај тоа, доколку Лејкерс не успеат да изградат конкурентен шампионски состав и да обезбедат стабилност во управувањето, во иднина повторно би можела да се отвори приказната за враќање на Дончиќ во Далас.