Воведувањето на новиот електронски систем за контрола на границите на Европската Унија предизвика значително зголемување на времето на чекање на некои од најголемите европски аеродроми. Податоците покажуваат дека на одредени места времето поминато во ред се удвоило во споредба со минатата година.
На аеродромот во Франкфурт, максималното време на чекање во јули достигнало 120 минути, додека во истиот период минатата година било 60 минути. Во Минхен, најдолгото чекање се зголемило од 31 на 60 минути, а во Амстердам од 80 на 120 минути, според податоците на аналитичката компанија Qsensor, објавени од „Фајненшл тајмс“.
Причината е новиот систем за влез и излез, познат како EES, кој ЕУ го воведе во април. Со него, патниците од Велика Британија и од други земји надвор од ЕУ при првиот влез мора да се регистрираат со отпечатоци од прсти, фотографирање и внесување лични податоци.
Туристичкиот и воздухопловниот сектор уште претходно предупредуваа дека системот може да предизвика големи доцнења, особено во периодите со најголем број патници. Од аеродромот во Франкфурт потврдија дека новите гранични проверки веќе предизвикале доцнења на летовите и други нарушувања во сообраќајот.
Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, остро го критикуваше системот, посочувајќи дека авиокомпанијата забележала сериозни гужви на околу 15 аеродроми. Тој смета дека регистрацијата треба да може да се извршува и преку интернет.
EES треба да ја зголеми безбедноста на надворешните граници на ЕУ преку евидентирање на влезовите и излезите, откривање на лицата кои го надминуваат дозволениот престој и полесно идентификување на лица кои ги бараат надлежните органи.
Сепак, неговото воведување досега беше проследено со застои, технички проблеми и тешкотии со опремата. На некои аеродроми, во периодите на најголеми гужви, привремено беше исклучуван дел од проверките, вклучително и земањето отпечатоци.
Овие исклучоци би требало да престанат во септември, но осум земји членки на ЕУ и Швајцарија побарале нивното времетраење да биде продолжено. Европската комисија во моментов разговара со земјите членки за можноста тие мерки да продолжат.
Од Комисијата велат дека просечната регистрација во системот трае околу 70 секунди и оти во најголем број случаи влијанието врз патниците од земји надвор од ЕУ е ограничено. Европските власти истовремено ги нагласуваат безбедносните придобивки од новиот систем.
Од авиокомпаниите, пак, предупредуваат дека на одредени аеродроми проблемот е сериозен. Извршниот директор на „easyJet“, Кентон Џарвис, ги повика аеродромите да покажат „здрав разум“ и да не дозволат патниците да поминуваат по неколку часа во редица.