Експлозија во рудник за јаглен во централна Колумбија однесе четири животи, а властите водат истрага за причините за несреќата и за законитоста на рударските активности.
Колумбиските власти соопштија дека четворица рудари загинале во експлозијата што се случила во рудникот „Лас Кинтас“, околу 76 километри северно од главниот град Богота, пренесува Асошиејтед прес.
Рударите останале заробени под урнатините од саботата попладне, кога дошло до експлозијата, за која се претпоставува дека била предизвикана од насобран гас во рудникот.
Гувернерот на Кундинамарка, Хорхе Емилио Реј, на социјалните мрежи соопштил дека биле пронајдени телата на работниците Хамир Рамос, Вајлдер Герера, Манул Делгадиљо и Јорман Снајдер.
Тој навел дека рудникот имал рударска и еколошка дозвола издадена минатата година, но дека истрагата треба да утврди дали влезот во рудникот бил во рамките на одобрената зона.
Телата биле пронајдени по повеќечасовна спасувачка операција, соопштила Канцеларијата за управување со ризици.
Несреќата се случила само една недела по друга експлозија во рудникот „Тринидад“ во Сутатауса, во истиот регион, кога загинаа девет рудари, а шестмина беа спасени.
Рударските несреќи се честа појава во централна Колумбија. Според податоците на Секретаријатот за енергетика и рударство, годинава во експлозии во Кундинамарка загинале 17 рудари.
Од Националната агенција за рударство предупредуваат дека рудниците за јаглен можат да акумулираат гасови и прашина, создавајќи услови за опасни експлозии.
Слични инциденти се случиле и претходно во регионот, вклучително и несреќата во февруари, кога шест рудари загинаа во рудникот „Мата Сиете“ во Гвачета, како и минатогодишната несреќа во нелегален рудник во Зипакира, каде што животот го загубија тројца работници.