Европа и натаму се соочува со екстремен топлотен бран, а Италија за првпат издаде највисок степен на здравствено предупредување за сите поголеми градови во земјата. Во меѓувреме, Унгарија изгаси декоративно осветлување на дел од најпознатите државни објекти за да ја намали потрошувачката на електрична енергија.
Италијанското Министерство за здравство прогласи црвен аларм низ целата држава – од Палермо на Сицилија до Болцано на север. Таквото предупредување значи дека високите температури претставуваат сериозен ризик за целото население, а не само за постарите лица, децата и хронично болните.
Во делови од регионот Емилија-Ромања температурите надминаа 40 степени, а во Багнакавало, во близина на Равена, се измерени дури 42,8 степени Целзиусови.
Поради екстремните горештини, Унгарија ја исклучи декоративната и друга несуштинска расвета на зградата на Парламентот, поголем дел од Будимскиот дворец и Синџирниот мост. Истовремено, рекордно нискиот водостој на Дунав речиси целосно ја запре работата на единствената нуклеарна централа во земјата, која ја користи речната вода за ладење.
И Романија презема мерки за да обезбеди доволно вода за ладење на својот нуклеарен реактор, додека во Германија нискиот водостој на Рајна го отежнува бродскиот транспорт и ги зголемува трошоците за превоз.
Европската Унија најави дека ќе ги поттикне земјите членки да издвојат повеќе средства за превенција и справување со шумските пожари. Според процените, економската штета од овогодишните пожари веќе надминала 15 милијарди евра.
Во Босна и Херцеговина, пак, туристите спас од високите температури бараат во пештерата Вјетреница, каде што температурата во текот на целата година е околу 11 степени.