Министрите за одбрана и надворешни работи на Европската унија денеска во Копенхаген започнуваат дводневни разговори за поддршката на Украина и за кризата во Појасот Газа. Состанокот се одржува само еден ден по најжестокиот руски воздушен напад од крајот на јули, во кој загинаа најмалку 21 лице, меѓу нив и деца, а најмалку 48 беа повредени.
Првиот ден ќе биде посветен на засилување на воената поддршка за Киев и на унапредување на соработката на ЕУ со украинската одбранбена индустрија, особено поради ограничувањата на американската воена помош. Утрешните разговори на министрите за надворешни работи ќе се фокусираат на нови санкции против Русија, насочени кон притисок врз претседателот Владимир Путин да прифати прекин на огнот и да се вклучи во мировни преговори. ЕУ неодамна ги таргетираше т.н. „сенкови флоти“ за извоз на руска нафта, како и приходите на Москва од енергетскиот сектор.
Очекувана тема е и идното обезбедување безбедносни гаранции за Украина, како и користењето на замрзнатите средства на руската централна банка во износ од околу 210 милијарди евра. На разговорите ќе им се приклучат и министрите за надворешни работи на Украина, Исланд, Норвешка и Обединетото Кралство.
Вториот ден ќе биде посветен на состојбата во Газа, каде што Европа останува поделена околу односот кон Израел. Франција и Шпанија се залагаат за построг став и можно воведување мерки, додека Германија и уште неколку земји се противат на санкции, повикувајќи на внимателен пристап.