Европа мора да се подготви за значително поголема улога во светските финансии во услови на постепено слабеење на американскиот долар и да ја зајакне сопствената финансиска архитектура за да биде подготвена за зголемен пазарен удел на еврото, оценува Мартин Кохер, гувернер на Австриската централна банка и член на Управниот совет на Европска централна банка.
Во изјава за медиумите, Кохер посочува дека зголемената улога на еврото е тренд што трае подолго време и дека во моментов се забележува појачан интерес од меѓународните партнери за европската валута. Според него, токму тоа е една од причините за забележливото зајакнување на еврото и за неговото сè почесто перцепирање како валута што нуди сигурност во периоди на глобална неизвесност.
Во услови на кризи и нестабилност, инвеститорите традиционално се вртат кон златото, швајцарскиот франк и американскиот долар. Сепак, во изминатата година еврото зајакна за околу 14 проценти во однос на доларот, делумно како резултат на разнишаната доверба во САД поради честите промени во трговската политика. Истовремено, европските земји најавуваат зголемени инвестиции во одбраната и инфраструктурата, што дополнително ја засилува улогата на еврото.
Иако доларот и понатаму има доминантна позиција со околу половина од светските девизни резерви, неговиот удел бележи надолен тренд во последната деценија. Еврото, пак, учествува со приближно 20 проценти. Според Кохер, глобалното финансиско преструктурирање може да му донесе на еврото уште поголема улога, вклучително и статус на безбедно прибежиште, за што Европа мора навреме да се подготви.
Тој нагласува дека целта не е по секоја цена да се зголеми меѓународната улога на еврото, но дека околностите може да ја принудат Европа да ја преземе таа улога. Во таа насока, во рамките на Европската централна банка веќе се водат дискусии за користење на различни инструменти за стабилизација на меѓународниот финансиски систем, меѓу кои и меѓународни репо-договори, своп-линии и други механизми за обезбедување ликвидност.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, неодамна истакна дека не постои директна врска меѓу силната меѓународна улога на една валута и нејзиното зајакнување во однос на другите валути. Таа посочи дека за една валута да биде извор на стабилност, потребни се долгорочно изградени предуслови, како што се сигурно и предвидливо правно опкружување во кое законите се почитуваат, критериум што, според неа, еврозоната веќе го исполнува.
Лагард нагласи и дека постои напредок во третата клучна компонента за силна валута – трговската поврзаност со остатокот од светот. Таа оцени дека зајакнувањето на еврото зависи и од трговските договори на Европската унија со региони како Меркосур, Индија, Австралија и други партнери. Дополнително, таа истакна дека обезбедувањето ликвидност е суштински атрибут на силна валута, поради што Европската централна банка го преиспитува и унапредува својот ликвидносен рамковен систем преку репо-линии.