Словачкиот премиер Роберт Фицо, единствениот лидер од Европската унија кој присуствуваше на парадата по повод Денот на победата во Москва, повика на обновување на соработката меѓу Европа и Русија.
„Ја отфрлам новата железна завеса меѓу ЕУ и Русија – изјави Фицо во видео-порака објавена на социјалните мрежи за време на летот од Москва кон Братислава.
Тој нагласи дека словачката влада има интерес за „нормални, пријателски и заемно корисни односи“ со Русија, но и со сите други земји кои се подготвени за таква соработка.
Според него, намерата на Европската унија целосно да се откаже од руските енергенси е „идеолошка“ и „штетна за европската конкурентност“.
Фицо оцени дека е погрешно, како што рече, „од омраза кон Русија“ да се заменува една енергетска зависност со друга, овојпат американска, која според него е значително поскапа.