Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, до доцните вечерни часови вршеа претреси на вкупно 16 локации низ државата. При претресите биле пронајдени и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени.
Како што информираат од обвинителството, акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управата за финансиско разузнавање, по известување од Агенцијата за национална безбедност, при што биле обезбедени докази за основано сомнение за сторени кривични дела од финансиска природа. Врз основа на прибраните докази, обвинителството отворило предмет и донело наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица, кои, според сомневањата, го оштетиле државниот буџет за 297.733.844 денари, односно околу 4,8 милиони евра.
Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале организирана група со цел извршување кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службената положба. Во периодот од 2023 до 2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.
Според наодите на истрагата, со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош на даночни службеници, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица поднесувале лажни барања за враќање данок за нерезидентни правни лица, кои осомничени вработени во УЈП неосновано ги одобрувале, со што на буџетот му била нанесена штета од 31.175.168 денари.
Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на пари прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари. Досегашните докази укажуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, меѓу кои и лица на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба нанеле вкупна штета на Буџетот на Република Северна Македонија од најмалку 162.980.076 денари.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, утврдил дека се исполнети условите за определување мерка притвор за десет осомничени. До судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување притвор за осум лица, додека за две лица мерката притвор веќе е определена во друг предмет поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. За преостанатите десет осомничени предложени се мерки за обезбедување присуство, меѓу кои и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичните дела, како и забрана за извршување службени должности во Управата за јавни приходи.