Нова содржина за спорт, рекреација и престој во природа е поставена на Водно, каде што е изграден моторички парк од здравите стебла на дрвјата паднати во силното невреме што неодамна го зафати Скопје.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека наместо здравото дрво од паднатите стебла да биде отстрането како отпад, тоа е искористено за создавање простор наменет за сите генерации.
Новиот моторички парк располага со природни препреки и реквизити преку кои децата можат да ги развиваат рамнотежата, координацијата и агилноста, додека младите и возрасните ќе имаат можност за вежбање и рекреација во природа.
Ѓорѓиевски посочува дека ова е еден од начините како последиците од невремето да се претворат во нова вредност за граѓаните.
„Наместо отпад, создадовме нова вредност. Наместо уништени стебла, создадовме простор исполнет со движење, енергија и живот“, наведува Ѓорѓиевски.
Според најавата, вакви моторички паркови ќе бидат изградени и во Парк-шумата Гази Баба и во Сарај. Паралелно со тоа, на местата каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември е најавена голема есенска акција за пошумување на Скопје.
Во рамки на активностите на Водно, реконструиран е и патот до Средно Водно, а се уредуваат пешачките патеки и се обновува урбаната опрема.
На Водно и Матка веќе функционира и Планинската спасителна служба, чија задача е да обезбедува брзи интервенции во планински услови и дополнителна безбедност за посетителите.
Ѓорѓиевски порача дека активностите продолжуваат со цел Водно да биде побезбедно, поуредено и со повеќе содржини за граѓаните.
„Водно е срцето и зелените бели дробови на Скопје. Го чуваме, го обновуваме и го развиваме паметно, одговорно и со љубов“, порача тој.