Општина Ѓорче Петров започнува со реализација на проект за поставување фотоволтаични системи на покривите на сите седум општински основни училишта, со цел производство на електрична енергија од обновливи извори.
Од Општината информираат дека станува збор за прв проект од ваков вид во Македонија што ќе се реализира преку модел на јавно-приватно партнерство. Проектот нема да претставува дополнителен финансиски товар за општинскиот буџет, а согласно договорениот модел, Општина Ѓорче Петров ќе добива 18 проценти од приходите што ќе се остваруваат од произведената електрична енергија.
Со поставувањето на соларните панели, училиштата ќе произведуваат чиста енергија, ќе се подобри нивната енергетска ефикасност, а ќе се создаде и нов извор на приходи што ќе бидат вложувани во проекти од интерес за граѓаните.
Од локалната самоуправа посочуваат дека проектот ќе придонесе и за намалување на емисиите на штетни гасови, како и за поголема употреба на обновливи извори на енергија, во согласност со современите европски стандарди за одржлив развој.
Со оваа инвестиција, Општина Ѓорче Петров ја потврдува својата заложба за примена на иновативни решенија, рационално управување со јавните ресурси и подобрување на условите во образовните установи.