Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се обрати на настан по повод 20-годишнината од работењето на ЕВН Македонија, каде беше промовирана и „Белата книга“ за развојот и влијанието на компанијата во енергетскиот сектор.
Гаши истакна дека две децении работа на ЕВН Македонија претставуваат значаен придонес во модернизацијата на услугите, унапредувањето на стандардите и развојот на поефикасен и поодржлив енергетски систем во земјата.
Тој посочи дека „Белата книга“ претставува важен документ кој нуди анализа на состојбите и предизвиците во енергетиката, како и насоки за идниот развој на секторот.
Гаши нагласи дека Собранието, преку својата законодавна и надзорна улога, останува посветено на создавање современа правна рамка што обезбедува правна сигурност, транспарентност и одржлив развој.
Тој додаде дека институцијата ќе продолжи да поддржува политики насочени кон инвестиции, иновации и транзиција кон чисти извори на енергија, во согласност со европските стандарди.
Настанот се одржа во Македонската филхармонија, во присуство на претставници на институции, академската заедница, бизнис секторот и меѓународни партнери.