Google се спротивстави на предлозите на Европската комисија за блокирање на пиратски интернет-страници, оценувајќи дека блокирањето на DNS-сервиси (системи за преведување интернет-адреси), VPN-сервиси (услуги за виртуелна приватна мрежа) и IP-адреси (интернет-адреси) е главно неефикасно и може да предизвика штета за легитимните интернет-услуги.
Компанијата во своето обраќање до Европската комисија наведува дека ваквите мерки не го отстрануваат спорниот материјал од интернет, туку само привремено го ограничуваат пристапот до него. Според Google, корисниците лесно можат да ги заобиколат ограничувањата со користење алтернативни DNS-сервиси, VPN или други методи.
Од компанијата предупредуваат дека блокирањето на IP-адреси може да има несакани последици, бидејќи повеќе легални интернет-услуги често користат иста IP-адреса. Како пример го наведуваат случајот од 2019 година во Португалија, кога блокирањето на виртуелни IP-адреси предизвикало прекини во работењето на дел од услугите на Google Cloud и други легитимни сервиси.
Google смета дека досегашната практика покажала дека блокадите не ја искоренуваат пиратеријата. Како пример се посочува блокирањето на Pirate Bay во Велика Британија, по што брзо се појавиле бројни „прокси“ страници (посреднички интернет-страници) преку кои корисниците повторно можеле да пристапат до содржините.
Во компанијата оценуваат дека најголем удар врз интернет-пиратеријата во минатото имале достапните стриминг-платформи како Netflix и Spotify, кои понудиле едноставен и легален пристап до содржини. Сепак, порастот на цените, воведувањето реклами и зголемената фрагментација на стриминг-пазарот повторно ги насочуваат дел од корисниците кон пиратски содржини.