Google тестира нов начин за најавување на корисничките сметки, кој би можел значително да ја намали потребата од користење лозинки. Новата функција овозможува пристап до профилот со помош на селфи-видео.
За да ја користат оваа можност, корисниците најпрво треба да снимат кратко селфи-видео, при што ќе гледаат во камерата и ќе направат неколку едноставни движења со главата за системот да го регистрира лицето од повеќе агли.
Доколку подоцна ја заборават лозинката, ќе можат повторно да снимат селфи-видео, кое Google ќе го спореди со претходно зачуваното за да го потврди идентитетот и да овозможи пристап до сметката.
Од компанијата наведуваат дека корисниците можат во секое време да го избришат зачуваното селфи-видео. Според Google, снимката се користи исклучиво за проверка на идентитетот при најавување, освен ако корисникот не избере да ја сподели и за други цели.
Компанијата истакнува дека видеата се шифрирани и заштитени, а функцијата користи повеќеслојни безбедносни механизми за да спречи злоупотреба со лажни фотографии или видеоснимки.
Функцијата засега е достапна само за дел од корисниците, а тие можат да проверат дали нивната сметка ја поддржува преку поставките на својот Google-профил.