Последните случувања на Блискиот Исток повторно го свртеа вниманието кон јеменските Хути и нивната улога во таканаречената „оска на отпорот“, која ги поврзува вооружените групи поддржани од Иран во регионот. Во Ирак неодамна беа забележани припадници на шиитска паравоена група со транспаренти на кои пишувало „Смрт за Америка“, со пораки слични на оние што ги користат Хутите во Јемен.
Ирачките паравоени формации и Хутите се дел од пошироката мрежа во која се вбројуваат и Хезболах во Либан и Хамас во Појасот Газа. Откако САД и Израел кон крајот на февруари 2026 година започнаа напади врз Иран, дел од овие групи возвратија со напади врз цели поврзани со САД и Израел.
Во меѓувреме, Хутите презедоа дополнителна контрола врз делови од јеменското крајбрежје и неколку острови во Црвеното Море. Според Институтот за проучување на војната, ваквите случувања создаваат услови за воспоставување поморска област под контрола на „оската на отпорот“, што би можело да има значење и за регионалниот извоз на нафта.
Иран и САД веќе се натпреваруваат за влијание околу Ормускиот Теснец, еден од клучните поморски патишта за транспорт на нафта и трговија. Во Иран, медиуми блиски до тврдокорните кругови на власта ги претставија територијалните придобивки на Хутите како значаен успех на „оската на отпорот“.
Во исто време, се поставува прашањето дали Хутите постепено го преземаат местото што во оваа мрежа некогаш го имаше Хезболах. Либанската група беше ослабена по израелските напади и губењето на дел од своите позиции во Сирија, додека Хутите во последниот период покажуваат зголемени воени способности.
Истражувачи цитирани од „Дојче веле“ оценуваат дека стратешкото значење на Хутите за Иран расте. Фареа ал-Муслими од британскиот институт „Чатам хаус“ смета дека Хутите станале повредни за Техеран отколку што Хезболах некогаш можел да биде, иако нагласува дека токму Хезболах со години придонесувал во развојот на капацитетите на Хутите.
Андреас Криг од Кралскиот колеџ во Лондон, пак, оценува дека Хутите сè повеќе имаат слична стратешка улога за Иран како Хезболах. Според него, Хезболах му обезбедувал на Техеран средство за одвраќање кон Израел од Либан, додека Хутите му овозможуваат влијание врз Саудиска Арабија, Израел и глобалниот поморски сообраќај.
Сепак, постојат разлики во проценките за степенот на контрола што Иран го има врз Хутите. За разлика од Хезболах, Хутите имаат сопствено раководство, идеологија, домашна база на поддршка и територијални цели. Криг смета дека Техеран може да ги вооружува и зајакнува, но не може целосно да ги контролира нивните одлуки.
Други набљудувачи, сепак, укажуваат дека врските меѓу Хутите и Иран во последните две години значително се продлабочиле. Постојат извештаи за испорака на пософистицирано оружје, а во јули извори од Иран за „Ројтерс“ изјавиле дека иранското раководство разговарало со Хутите за можноста за блокирање на теснецот Баб ел Мандеб.
Според аналитичарите, Хутите би можеле да бидат особено тешки за ограничување. Претходните воени операции на Саудиска Арабија, САД и други земји не успеаја да ги неутрализираат, додека санкциите и економскиот притисок имаат ограничен ефект поради нивното слабо учество во меѓународниот финансиски систем.
Во споредба со Хезболах, кој во Либан има и политичко крило и обезбедува социјални услуги, Хутите функционираат во поинакви услови и значителен дел од нивните ресурси го насочуваат кон воените активности.
Поради тоа, нивното растечко влијание не се разгледува само како регионално безбедносно прашање. Аналитичарите предупредуваат дека јеменската група претставува предизвик и за меѓународниот поморски сообраќај, како и за политичката и безбедносната стабилност во Јемен.