Километарски колони и повеќечасовно чекање повторно се регистрирани на граничниот премин „Табановце“ на излез од Македонија, откако странските возачи се соочија со обврска да ги подмират сообраќајните казни евидентирани преку системот „Безбеден град“ пред да ја напуштат земјата.
Според сведоштва на возачи од Србија, на граничниот премин се чекало и по неколку часа. На возачите со странски регистарски таблички полицијата им врачува прекршочни платни налози за прекршоци, најчесто за пребрзо возење, регистрирани додека транзитирале низ Македонија.
Од МВР појаснуваат дека создадениот метеж е последица на целосната имплементација на механизмот, при што во системот се опфатени и прекршоци што биле регистрирани претходно.
Според полицијата, за секој возач кај кого ќе биде утврден сообраќаен прекршок се издава записник со прекршочен платен налог. Од МВР велат дека целта е да се обезбеди еднаков и неселективен пристап во санкционирањето, без разлика дали прекршителот е домашен или странски државјанин.
Од Министерството информираат дека се преземаат мерки за забрзување на постапката на граничниот премин, а најавено е дека контролата во рамките на системот „Безбеден град“ наскоро ќе биде проширена и на останатите гранични премини во земјата.