Родителите би можеле да имаат пониски трошоци за училишен прибор пред почетокот на новата учебна година. Владата во вторник ќе донесе одлука за мерки со кои треба да се намалат цените на производите што им се потребни на учениците.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека на владината седница во вторник ќе биде донесена одлука, одговарајќи на прашањето дали и годинава ќе има „училишна кошничка“, како што беше случајот во изминатите две години.
„Да, ќе има и во вторник на владината седница ќе донесеме одлука“, рече Мицкоски.
Мерката се однесува на основниот училишен прибор, меѓу кој ранци, тетратки, моливи, гуми, линијари, лепила, маркери, прибор за ликовно и техничко образование и блокови.
Министерството за економија треба да разговара со трговците со училишен прибор за цените и можните активности за заштита на куповната моќ на граѓаните. Целта е да се олеснат трошоците на родителите, кои секоја година пред почетокот на учебната година имаат дополнителни издатоци за своите деца.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера посочи дека надлежноста за носење ваква мерка е на Министерството за економија.
Во изминатите две години „училишната кошничка“ траеше до 15 септември, а училишниот прибор се продаваше со ограничени трговски маржи и по цени пониски за најмалку 10 отсто. Според владините пресметки, мерката овозможила семејство со двајца ученици да заштеди околу 3.000 денари.
Финансискиот товар за семејствата дополнително го зголемуваат и трошоците поврзани со почетокот на учебната година, особено кога станува збор за првачињата, за кои треба да се обезбедат ранец, училишен прибор, тетратки, блокови, обувки и други потреби.
Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, во четиричлено семејство со двајца ученици, месечните трошоци за образование учествуваат со 10,5 отсто во вкупните расходи, односно околу 7.200 денари месечно.
Дополнително, дел од општините имаат свои мерки за намалување на трошоците за родителите. Кисела Вода, Центар и Карпош обезбедуваат ранци и училишен прибор, додека Ѓорче Петров за првачињата обезбедува и финансиска помош од 3.000 денари и бесплатна ужинка. Центар и Аеродром обезбедуваат и училишни униформи, а во Аеродром првачињата добиваат и по 3.500 денари.
Финансиска поддршка обезбедуваат и други општини, а според доставените информации, првачињата во Тетово годинава треба да добијат по 100 евра.