По насилниот упад во студиото на „Инфомакс“, кој се случи во средата доцна вечерта за време на емитување програма во живо, со реакција излезе и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата соопштија дека го осудуваат инцидентот и секој обид со сила да се загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници, нагласувајќи дека ваквите напади се закана за темелните демократски вредности.
„Ваквите инциденти се неприфатливи и претставуваат закана за основните демократски вредности кои треба да се заштитуваат и промовираат“, стои во реакцијата на најголемата опозициска партија. ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека слободата на медиумите, правото на информирање и независната новинарска работа се принципи за кои партијата, како што велат, доследно се залагала.
Од партијата оценуваат дека без разлика на разликите во ставовите и уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување.
ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави и брзата реакција на полицијата, која веднаш по пријавата го лиши од слобода лицето Г.С.(43) од Скопје, за кое подоцна беше утврдено дека има здравствени проблеми и претходно било третирано во Психијатриската болница Бардовци. Партијата очекува сите институции „целосно и доследно да ја истераат постапката“.
„Ќе продолжиме да се залагаме за заштита на слободата на изразување и за создавање амбиент во кој јавната дебата може да се одвива без страв и притисок“, порача ВМРО-ДПМНЕ.