Промени тема
За нас
Болници, лекови, специјализанти, закон за пушење, Брза помош, хаосот: „Претрес“ на министерот Алиу
Болници, лекови, специјализанти, закон за пушење, Брза помош, хаосот: „Претрес“ на министерот Алиу

Кристијан Ландов

media-library5mat1j9e5tg648eq87S

Малолетник загина во сообраќајна несреќа

Седумнаесетгодишно момче од неготинското село Тимјаник го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случила ноќеска, информираат од Министерството за внатрешни работи.Според пријавата во ОВР Неготино, несреќата се случила на 20 декември 2025 година, околу 00:50 часот. Малолетникот управувал мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, кога од засега неутврдени причини изгубил контрола и удрил во бетонски столб.Од здобиените повреди, возачот починал на самото место, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Неготино.Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино. По наредба на јавниот обвинител, телото на починатиот малолетник е предадено на обдукција.

Македонија | пред 3 месеци

media-library3qv61cv9fs773LKFfT7

Почина Драган Б. Костиќ: замина легендата на македонското радио

Утринава, на 75-годишна возраст, почина Драган Б. Костиќ, истакнат македонски музички новинар, радиоводител и еден од најпрепознатливите гласови во историјата на Македонското радио.Тажната вест ја соопшти неговиот син Бане Костиќ, кој преку социјалните мрежи напиша:„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ – сопруг, татко и дедо. Поменот ќе се одржи утре, недела, 21 декември, од 12:30 до 13:30 часот, во капелата на гробиштата Бутел. Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно, Диско селекторе.“Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје. Својата богата и влијателна кариера ја започнал во Македонското радио, каде остави неизбришлива трага во историјата на домашната радиофонија.Најпознат е како автор и водител на култните радио-емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“. „Диско селектор“ започна да се емитува на 29 јуни 1974 година и со текот на децениите стана музички белег на неколку генерации слушатели. Емисијата „Заборави ако можеш“ започна во 1991 година и до 31 октомври 2013 година го достигна своето 4.500-то издание.По повод 30 години од „Диско селектор“, во јуни 2004 година, Костиќ организираше голема музичка забава на лизгалиштето во Скопје, на која беа продадени околу 6.500 влезници – настан што и денес се памети како еден од најмасовните музички собири од тој тип.Покрај овие емисии, тој е автор и на низа други радиоформати, меѓу кои „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“.Драган Костиќ беше познат и како страстен и посветен колекционер на музика, со импозантна колекција од над еден милион аудио записи, која важи за една од најголемите во регионот.Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони до 2019 година.Во 2024 година, со големиот музички настан „Последниот танц“ во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, Драган Б. Костиќ ја одбележа својата 50-годишна кариера, симболично заокружувајќи еден извонреден живот посветен на музиката.Со неговото заминување, македонската културна сцена изгуби еден од своите највлијателни и најпрепознатливи гласови.

Македонија | пред 3 месеци

media-library2r35arh9fqlic653vUp

Угостителите да имаат дигитален пасош, а детекторите за пожар да им се поврзани со Противпожарна бригада, бараат „Супорт Кочани“

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ поднесе предлог-иницијативи до пратениците во Собранието со цел унапредување на безбедноста во угостителските објекти низ државата. Иницијативите следуваат по одржаната анкетна комисија на 9 декември во Собранието, посветена на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.Од иницијативата посочуваат дека предложените мерки се насочени кон системско зголемување на безбедноста и јасно утврдување на одговорноста.„Доставивме предлози за кои сметаме дека значително можат да ја подобрат безбедноста на секој граѓанин. Првиот предлог е секој угостителски објект да има задолжително лице за безбедност, кое ќе биде одговорно за спроведување на сите пропишани безбедносни мерки. Така, одговорноста ќе има име и презиме и ќе се знае кој е директно одговорен за безбедноста во објектот“, наведуваат од „Супорт Кочани“.Вториот предлог се однесува на поставување детектори и сервери за чад и пожар, кои наместо да функционираат само локално, би биле поврзани преку интернет со најблиската противпожарна станица.„Во случај на појава на чад или пожар, системот автоматски ќе испраќа сигнал до противпожарната служба, со што значително ќе се скрати времето за реакција и интервенција“, објаснуваат од иницијативата.Како трет клучен предлог, „Супорт Кочани“ бара воспоставување национална дигитална база на податоци за безбедноста на угостителските објекти.„Секој објект би добил таканаречен дигитален пасош, преку кој ќе се знае дали објектот е безбеден, какви елаборати и дозволи за заштита поседува и дали ги исполнува законските услови. Базата би била јавно достапна, за секој граѓанин да може да провери каде влегува“, додаваат од „Супорт Кочани“.Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој се случи на 16 март и во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, започна на 19 ноември. Судскиот процес го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а сите 35 обвинети физички лица и трите правни лица се изјаснија дека не се виновни.

Македонија | пред 3 месеци

odnosi

Политичка пресметка околу воздухот: се караат што кажал Заев, а што Мицкоски и дали „ајро, ајро“ ќе го исчистел воздухот

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека, како што наведуваат, намерно злоупотребува стара изјава на премиерот Христијан Мицкоски поврзана со квалитетот на воздухот, со цел политички поени и дефокусирање на јавноста.Од партијата оценуваат дека станува збор за, како што велат, „уште една фабрикувана лага“, слична на, според нив, претходните тврдења за „мигранти и ширење страв“.„Не знаеме зошто СДСМ не ги користи изјавите на нивниот поранешен лидер Зоран Заев, во кои ветуваше дека ‘ајро ајро’ ќе го исчисти воздухот и дека ќе донесе живот и чист воздух за сите“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.Во соопштението се наведува и дека реакциите на СДСМ се, како што велат, „павлов рефлекс од штабот на Бихаќка“, додавајќи дека опозициската партија користи однапред подготвени пораки.Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе потсетат на, како што ја нарекоа, „изјавата на векот“ на поранешниот премиер Зоран Заев, поврзана со загадувањето и квалитетот на воздухот.Претходно, од СДСМ соопштија дека Скопје е втор најзагаден град во Европа, оценувајќи дека граѓаните секојдневно дишат токсичен воздух опасен по здравјето.Според опозициската партија, Владата не презема соодветни мерки за справување со загадувањето, туку, како што тврдат, фокусот е ставен на сомнителни јавни набавки и тендери.„Додека нема пари за политики за чист воздух, има пари за стотици тендери за исти фирми и милионски договори“, наведуваат од СДСМ, обвинувајќи дека премиерот Мицкоски ги доведува во заблуда граѓаните со споредби дека воздухот во Скопје бил почист од оној во Виена.Во реакцијата, СДСМ оценува дека ваквите изјави ја поткопуваат довербата на јавноста и дека токму поради тоа била донесена, како што велат, противуставна Резолуција.„Што е следно – забрана да се зборува за загадениот воздух затоа што власта тврди дека тој е чист?“, прашуваат од СДСМ.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarycvthq8cu50g88nutoK1

(Видео) Како на друга планета: додека градот тоне во магла, Водно блеска

Додека Скопје денеска е целосно обвиено со густа магла и загаден воздух – појава што е речиси редовна во овој период од годината – на Водно владее сосема поинаква слика. Сонце, чист воздух и ведро небо, како да се работи за друг свет.Контрастот меѓу градот и планината повторно е драстичен. Додека жителите на Скопје се соочуваат со намалена видливост и нездрав воздух, на само неколку стотини метри повисоко, Водно нуди услови за слободно дишење.Токму поради тоа, голем дел од скопјани секој слободен момент го користат за прошетка, рекреација и бегство од смогот, избирајќи го Водно како засолниште од зимската магла и загадувањето во градот.

Скопје | пред 3 месеци

media-librarykbdpa5pkaqqr0jO1LDf

(Видео) Најмалку три жртви во крвав напад во метро во Тајван, напаѓачот починал при бегство од полицијата

Најмалку три лица загинаа, а девет се повредени во синоќешниот напад што ја потресе тајванската престолнина Тајпеј. Напаѓач вооружен со нож, димни бомби и запаливи направи создаде паника на неколку метро-станици за време на најголемата попладневна гужва, по што почина откако паднал од зграда додека полицијата се обидувала да го уапси, јавува Би-Би-Си.Нападот започнал околу 17:20 часот по локално време на главната метро-станица во Тајпеј. Според тајванскиот премиер Чо Јунг-тај, 27-годишниот осомничен, идентификуван како Чанг Вен, најпрво активирал димни бомби и Молотови коктели. Еден маж кој се обидел да го совлада напаѓачот бил удрен со тап предмет и подоцна починал во болница.По првиот напад, осомничениот побегнал низ подземен трговски центар кон метро-станицата Џонгшан, оддалечена околу 800 метри. За време на бегството, тој влегол во хотелот каде што престојувал, од каде земал дополнително оружје, а потоа се вратил на улица пред станицата Џонгшан.Таму повторно активирал димни бомби и започнал неселективно да напаѓа минувачи со нож. На социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледаат луѓе како во паника бегаат, додека напаѓач облечен во црно фрла димни бомби и се движи низ јавниот простор.Во обид да ѝ побегне на полицијата, осомничениот влегол во блиска книжарница и трговски центар. Откако бил опколен од полициски сили, паднал од зграда и со тешки повреди бил пренесен во болница, каде што подоцна починал. Мотивот за нападот засега останува непознат.По инцидентот, премиерот Чо Јунг-тај нареди итно зајакнување на безбедносните мерки на сите метро-станици, железнички станици и аеродроми низ земјата.

Свет | пред 3 месеци

media-library2ci4vlv47sf3fGDmWWq

(Видео) Турскиот државјанин го призна убиството во центарот на Штип: пукал оти се бранел, не го планирал ама шетал со оружје без дозвола

Кадир Кара го призна убиството на турскиот државјанин Енес Оздемир, кое беше извршено на 8 мај годинава во кафе-бар на градскиот плоштад во Штип. На денешното судско рочиште, обвинетиот пред судот изјави дека убиството не било однапред планирано и дека на средбата во кафулето дошол со намера да разговара со жртвата.Под силно полициско обезбедување, денеска продолжи судењето против 21-годишниот турски државјанин, обвинет за убиство со умисла. По изведувањето на доказите од страна на обвинителството и распитот на сведоци, Кара ја призна вината, но тврдеше дека дејствувал во самоодбрана.Според неговото сведочење, откако пристигнал во кафулето во центарот на Штип, забележал дека околу жртвата имало уште седум лица, блиски до сега убиениот. Во тој момент, како што изјави, почувствувал дека му се подготвува заседа, по што реагирал и го сторил убиството.Освен Кара, на обвинителна клупа седнаа уште четири лица, кои се товарат за помагање при извршување на кривичното дело. Според обвинението, сите инволвирани се товарат дека на 8 мај извршиле дрско и организирано убиство со логистичка поддршка, во јавен објект во центарот на градот.Обвинетиот за убиството престојувал нелегално во земјава, а оружјето со кое го извршил делото го поседувал без дозвола. Тој претходно бил осудуван и во Турција за слични кривични дела. Двајца од обвинетите за помагање, исто така, имаат пресуди во Турција, додека во Македонија се претставувале со лажен идентитет.Судскиот процес продолжува со изведување на дополнителни докази и сослушување на останатите обвинети и сведоци. Дел од сведоците, поради безбедносни причини, побарале да сведочат без присуство на обвинетите во судницата.СНИМКА ОД ПУКАЊЕТО:Снимка од бегањето:

Македонија | пред 3 месеци

media-librarytion0orml5d7b1w1sng

Јани Бојаџи правосилно осуден за однесување кон ексвработен

Со правосилна судска пресуда е утврдено дека Јани Бојаџи, во својство на директор, подолг временски период вршел психичко вознемирување врз својот вработен, извршниот продуцент Ненад Мирчевски.Информацијата ја објави адвокатката Маја Ристова, застапник на Мирчевски, која посочи дека оваа судска одлука претставува значајна победа за заштитата на работничките права и достоинството на вработените.„Оваа пресуда е јасна потврда дека гласот на поединецот има моќ да донесе промена и дека истрајноста, и покрај долгиот и тежок пат, на крај дава резултати“, напиша Ристова.Според делот од пресудата што е јавно објавен, судот утврдил дека Бојаџи со негативно и недолично однесување психички го вознемирувал тужителот на работното место, при што му биле повредени достоинството, честа и угледот.Станува збор за класичен пример на мобинг, односно психичко вознемирување во работната средина, што е строго забрането со закон.Судскиот процес започнал во февруари 2021 година, кога Ненад Мирчевски, преку адвокат, поднел тужба за психичко вознемирување на работното место.Во изминатите четири години, предметот минал низ повеќе судски инстанци и одлуки:Основниот граѓански суд првично пресудил во корист на Мирчевски,Апелациониот суд ја укинал одлуката и го вратил предметот на повторно судење,по што повторно била донесена пресуда во корист на тужителот,која подоцна била преиначена во корист на Бојаџи.По поднесена ревизија до Врховниот суд, предметот повторно бил вратен на одлучување во Апелација, каде што, со последната одлука, случајот конечно правосилно завршува во корист на вработениот кој го трпел мобингот.Оваа правосилна пресуда се оценува како значаен преседан во судската пракса, особено во медиумскиот сектор, каде ваквите случаи ретко добиваат институционална завршница.БОНУС ВИДЕО:

Македонија | пред 3 месеци

media-library928rb7fvg2d00Q6SeWy

Трамп зборува за мир, разузнавачите предупредуваат на нова закана за Европа

Американските разузнавачки служби предупредуваат дека рускиот претседател Владимир Путин има намера целосно да ја заземе Украина и да ја прошири својата контрола и врз делови од Европа кои во минатото биле дел од Советскиот Сојуз, и покрај тековните разговори за можен мировен договор.Според информации од шест извори запознаени со американските разузнавачки проценки, воените и политичките цели на Путин остануваат непроменети, што е во директна спротивност со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот преговарачки тим, кои тврдат дека Москва е подготвена за завршување на конфликтот, пишува „Ројтерс“.Најновите извештаи, од кои последниот датира од крајот на септември, се во спротивност и со тврдењата на самиот Путин, кој неодамна изјави дека Русија не претставува закана за Европа.Американските проценки, кои се конзистентни уште од почетокот на руската инвазија во 2022 година, се совпаѓаат и со ставовите на европските лидери. Тие сметаат дека крајната цел на Кремљ е целосна контрола врз Украина, но и влијание врз територии на поранешниот советски блок, вклучително и одредени земји членки на НАТО.„Разузнавачките податоци отсекогаш укажуваа дека Путин сака повеќе“, изјави за „Ројтерс“ демократскиот конгресмен Мајк Квигли, член на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом.„Европејците се убедени во тоа. Полјаците се апсолутно убедени. Балтичките држави сметаат дека тие се први на удар.“Во моментов, Русија контролира околу 20 проценти од украинската територија. Путин ги смета четирите анектирани региони – Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, како и Крим, за дел од Руската Федерација.Во рамки на предложениот мировен план, претседателот Трамп врши притисок врз Киев да ги повлече своите сили од мал дел од Доњецк што сè уште е под украинска контрола – барање кое украинскиот претседател Володимир Зеленски и мнозинството граѓани на Украина категорично го отфрлаат.Од Белата куќа, пак, тврдат дека е постигнат значителен напредок.„Претседателскиот тим постигна огромен исчекор кон завршување на војната“, изјави неименуван американски функционер, додавајќи дека Трамп смета оти мировниот договор е „поблиску од кога било“.Во мировните напори се вклучени и блиски луѓе на Трамп – неговиот зет Џаред Кушнер и пријателот и бизнисмен Стив Виткоф, кои со недели водат преговори за мировен план од 20 точки со украински, руски и европски претставници.Кушнер и Виткоф вчера се сретнале со украински преговарачи во Мајами, а за време на викендот се очекуваат разговори и со руска делегација.На состанокот во Берлин во понеделникот, според дипломатски извори, бил постигнат широк консензус за силни безбедносни гаранции за Украина, поддржани од САД. Планот предвидува распоредување претежно европски сили во Украина и соседните земји, далеку од линијата на фронтот, како и американска разузнавачка поддршка и воздушни патроли над украинска територија.И покрај дипломатските активности, клучните разлики меѓу страните остануваат длабоки. Еден од предлозите предвидува ограничување на украинската армија на 800.000 војници, додека Русија бара значително помал број – на што, според извори, американската страна е подготвена да разговара.Сè уште не е јасно дали безбедносните гаранции би биле условени со територијални отстапки од Украина. Зеленски во четвртокот изрази сериозна резерва:„Постои едно клучно прашање на кое сè уште немам одговор: што конкретно ќе направат овие безбедносни гаранции?“На својата годишна прес-конференција, Владимир Путин не понуди компромиси, иако изјави дека е подготвен да разговара за мир. Тој инсистираше дека неговите услови мора да бидат исполнети и тврдеше дека руските сили годинава напредувале за 6.000 квадратни километри.Дури и дел од функционерите во администрацијата на Трамп јавно признаваат дека постои сомнеж во подготвеноста на Путин да се откаже од првичните цели.„Не знам дали Путин навистина сака договор или сака да ја освои целата земја. Тоа се работи што самиот јавно ги кажал“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.„Знаеме што сакаа да постигнат на почетокот на војната – тие цели сè уште не се реализирани.“

Свет | пред 3 месеци

putin

Руската економија под притисок, но не и доволен за Путин да преговара за крај на војната

Руската економија годинава се соочува со сè поголеми предизвици – од висока инфлација и растечки буџетски дефицит, поттикнат од огромните воени трошоци, до намалени приходи од нафта и гас. Сепак, аналитичарите оценуваат дека економските проблеми засега не се доволни за да го принудат рускиот претседател Владимир Путин да влезе во сериозни преговори за завршување на војната во Украина, анализира Си-Ен-Ен (CNN).Според експертите, Кремљ и понатаму е способен да се справува со западните санкции и да ја продолжи војната со сегашното темпо уште неколку години.„Ако ја гледаме само економијата, тоа нема да биде последната капка што ќе ја прелее чашата. Ситуацијата не е катастрофална – со неа може да се управува“, вели Марија Снеговскаја, виша аналитичарка за Русија и Евроазија во Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS).Според нејзините проценки, Русија би можела да продолжи со војната уште три до пет години, додека подолгорочните ефекти остануваат неизвесни.Сличен став имаат и групи руски економисти во егзил, кои сметаат дека способноста на Кремљ да води војна засега не е сериозно ограничена од економските санкции. Аналитичарот Ричард Коноли од Кралскиот институт за обединети служби (RUSI) оценува дека санкциите не нанеле доволно штета на енергетски ориентираната руска економија за да ги сменат воените калкулации на Москва.„Додека Русија произведува и продава нафта по разумна цена, ќе има доволно средства за да опстане. Тоа не е идеална ситуација, но економијата не е пресуден фактор во одлуките на Путин за војната“, вели Коноли.Првичниот економски поттик од наглото зголемување на воените трошоци, според аналитичарите, веќе е исцрпен. Кремљ сè повеќе го префрла товарот на војната врз граѓаните, преку зголемување на даноците на добивка, личните приходи и ДДВ, со цел финансирање на рекордниот воен буџет.Во исто време, руските потрошувачи се соочуваат со значителен раст на цените, особено кај увезените производи. Сепак, експертите укажуваат дека високата инфлација не предизвикува масовно незадоволство, делумно поради државната пропаганда и репресијата, но и поради фактот што руското општество со децении живее со инфлација.Меѓународниот монетарен фонд прогнозира дека просечната годишна инфлација во Русија оваа година ќе изнесува 7,6 отсто, што е намалување во однос на 9,5 отсто во 2024 година.Русија денес троши речиси 40 проценти од државниот буџет за воени цели, изјави неодамна генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Огромните воени инвестиции создадоа нова класа „победници“ – производители на оружје и работници во одбранбената индустрија, што, парадоксално, доведе до намалување на економската нееднаквост.Некои сиромашни и рурални региони доживеале економски раст, главно поради високите плати што ги добиваат војниците и нивните семејства. Ова е дел од стратегијата на Кремљ да регрутира доброволци и да избегне општа мобилизација.„Денешните руски војници се најплатените во историјата на Русија. Многумина заработуваат повеќе отколку што некогаш би можеле во цивилниот сектор“, вели Коноли.И покрај огромните човечки загуби – кои според проценките се приближуваат до еден милион жртви, од кои околу 250.000 загинати – Кремљ досега успеа да избегне масовни протести, за разлика од војните во Чеченија и Авганистан. Сепак, аналитичарите предупредуваат на потенцијален иден проблем: враќањето на голем број ветерани со здравствени проблеми и без работа.

Свет | пред 3 месеци

usije

ТИТАН Усје: Работиме под законските лимити, обвинувањата за загадување се неосновани

Компанијата ТИТАН Усје целосно ги отфрла, како што наведува, „неоснованите и невистинити обвинувања“ дека е извор на загадување на воздухот во Скопје, оценувајќи дека тие не се поткрепени со научни и мерливи податоци.Од компанијата информираат дека нивното работење е под 24-часовен независен мониторинг, а сите податоци од мерењата се јавно достапни и редовно се доставуваат до надлежните институции, медиумите и граѓанскиот сектор.„Сите досегашни мерења покажуваат дека работењето на ТИТАН Усје е под законски дозволените лимити“, се наведува во соопштението.Како дополнителен аргумент, од ТИТАН Усје посочуваат дека Државниот инспекторат за животна средина извршил контролно мерење на 18 декември 2025 година, при што, според нив, инспекторите утврдиле дека нема отстапувања од дозволените вредности.Компанијата нагласува дека работи во согласност со А-еколошката дозвола, која е под континуиран надзор на Министерството за животна средина и просторно планирање и во која прецизно се дефинирани сите параметри за заштита на животната средина.Во соопштението се оспоруваат и тврдењата кои, како што велат, се темелат на податоци од софтверски апликации и модели кои не користат верификувани методи за мерење и, според компанијата, не се признаени како релевантен извор ниту во Македонија, ниту во Европската унија.„Поврзувањето на ТИТАН Усје со квалитетот на воздухот е паушално и неосновано. Компанијата ќе продолжи да работи транспарентно, одговорно и во целосна согласност со законските норми“, се наведува во реакцијата.

Скопје | пред 3 месеци

bitkoin

Пад на биткоинот: Цената падна под 75.200 евра, владее „екстремен страв“ на пазарот

Вредноста на биткоинот денеска во 15:00 часот забележа пад од 1,15 отсто на најголемата светска берза за криптовалути „Бајненс“, достигнувајќи цена од 75.175,34 евра.Вкупниот обем на тргување со биткоин во изминатите 24 часа изнесува 48,57 милијарди евра, што се смета за релативно ниско ниво, иако е благо повисоко во однос на претходниот ден.Дополнителен показател за негативното расположение на пазарот е Индексот на страв и алчност, кој денес се наоѓа на ниво 16, во категоријата „екстремен страв“. Ова претставува мало влошување во однос на вчерашната вредност од 17 и укажува дека инвеститорите и понатаму се воздржани и избегнуваат ризични вложувања.Аналитичарите оценуваат дека ваквите индикатори сигнализираат продолжена несигурност на криптопазарот, при што доминира претпазливоста и недовербата кај вложувачите.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryvbp322ab4igu5PHp2Av

(Видео) Се урива во центарот на Скопје, на кејот од Вардар

Град Скопје започна акција за уривање на диво поставени временски објекти во централното градско подрачје, на кејот на реката Вардар. Неофицијално станува збор за објекти изградени без соодветна дозвола, кои претставуваат узурпација на јавен простор.Акцијата се спроведува во координација со Општина Центар, а од Град Скопје најавуваат дека нема да застане само на оваа локација, туку ќе се прошири на целата територија на градот.Надлежните институции најавуваат дека ќе продолжат со засилени контроли и интервенции со цел заштита на јавниот интерес и враќање на урбаниот ред во главниот град.

Скопје | пред 3 месеци

putin-bozik-640x473-1

Путин: Подготвени сме да размислиме за прекин на нападите ако Киев одржи избори

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е „подготвена да размисли“ за запирање на воените напади врз Украина, но само под услов Киев да одржи претседателски избори.Изјавата Путин ја даде за време на своето маратонско телевизиско обраќање во Москва, при што како дополнителен услов наведе и овозможување гласање за украинските државјани кои живеат во Русија.Ова се смета за продолжување на притисокот од Кремљ врз украинскиот претседател Володимир Зеленски, чиј мандат формално требаше да заврши во 2024 година. Сепак, украинскиот Устав изрично забранува одржување избори за време на воена состојба, која сè уште е на сила поради руската инвазија.Од Киев повеќепати предупредија дека одржување избори во вакви услови е неизводливо и небезбедно, особено поради ризикот од руско мешање во изборниот процес, како и поради континуираните напади и заканата по животот на гласачите.И покрај тоа, Зеленски претходно изјави дека би можел да размисли за избори само доколку безбедноста на државата и на граѓаните за време на гласањето биде целосно гарантирана.Потсетување на одржување избори во Украина претходно дојде и од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој тврдеше дека владата на Зеленски „го користи војниот конфликт“ за да избегне избори.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryu2c0m9v4n7h1bsWS6d5

Голема акција за организиран криминал: 33 осомничени за местење јавна набавка во ЕСМ, штета над 7,6 милиони евра

Во координирана акција спроведена во ноќта меѓу 17 и 18 декември 2025 година, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал извршија претреси на повеќе локации во Скопје и околината, Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани.Во рамки на акцијата приведени се 11 лица, а МВР поднесе кривична пријава против 33 физички лица и две правни лица од Скопје и Куманово.Осомничените се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на постапка за јавна набавка, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.Според истрагата, во текот на 2023 година, дел од осомничените формирале организирана група со цел изигрување на постапка за јавна набавка за набавка на „СКАД ормари – мониторинг ормари со ГСМ контролор за топлински станици“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје.По претходен договор, била изготвена техничка спецификација прилагодена за однапред одбран економски оператор. На јавниот оглас се пријавиле две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово.Правното лице од Куманово поднело непотполна документација и понуда со повисока цена, додека фирмата од Скопје доставила понуда речиси идентична со проценетата вредност на набавката, иако таа не била јавно објавена.Со ваквото постапување, осомничените овозможиле фирмата од Скопје да го добие договорот, со што се стекнала со противправна имотна корист од 400.400.000 денари без ДДВ, односно 472.470.407 денари со ДДВ (7.682.445 евра), на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција.По реализацијата на договорот, дел од осомничените, во периодот од 2023 до 2025 година, вршеле перење пари со цел да го прикријат потеклото и движењето на незаконски стекнатите средства.Според МВР, во оптек биле пуштени, примени и пренесени 125.556.930 денари, односно 2.041.576 евра, со што било сторено кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryhkvehqpqro8ibyMuijK

Зелен хуман град бара дислокација на Цементарница Усје

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска до Советот на Град Скопје поднесе Иницијатива за дислокација на Цементарница Усје, со која бара Советот јасно да заземе став дека тешката и високозагадувачка индустрија нема место во густо населено урбано подрачје и дека Усје мора да биде изместена надвор од Скопје и надвор од кое било населено место.Со иницијативата се предлага градоначалникот на Град Скопје овој став да го достави до Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и Собранието, за тие понатаму да постапуваат во рамки на своите надлежности.

Скопје | пред 3 месеци

DSC_0289

Злато, сребро и кало-растур: Обвинителството бара притвор за даночно затајување

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против две лица осомничени за долгогодишно даночно затајување, со кое, според сомнежите, е оштетен државниот буџет за 64.924.298 денари, односно за повеќе од еден милион евра.Како што соопшти Обвинителството, истрагата се однесува на кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 став 3 во врска со став 1 и член 45 од Кривичниот законик, извршувано во период од почетокот на 2020 до крајот на 2024 година.Осомничените, во својство на сопственици и управители на правно лице од Скопје, со умисла избегнувале целосно плаќање на персонален данок на доход од 11,11 отсто и данок на додадена вредност од 18 отсто, на кои биле законски обврзани. Тие давале лажни податоци или воопшто не пријавувале релевантни факти што имале влијание врз утврдувањето на даночните обврски, поради што истите не биле утврдени.Според наводите во истражната постапка, затајувањето било вршено преку непријавување на приходи од трговија со златен накит, златни прачки, необработено сребро, како и од необработен кало-растур.Поради ризик од бегство, можност за продолжување на кривичното дело и опасност од влијание врз сведоци, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. При тоа била земена предвид и тежината на делото, како и фактот дека станува збор за незаконски стекната корист од големи размери.

Македонија | пред 3 месеци

296165897_758644842021009_8011557410898836559_n

Дизелот поевтинува за 2 денари од полноќ, бензините без промени

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги (РКЕ) донесе одлука за нови максимални малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе стапат во сила од 20 декември 2025 година од 00:01 часот. Согласно одлуката, дизел горивото поевтинува за 2 денари по литар, додека цените на бензините и останатите деривати остануваат непроменети.Од РКЕ информираат дека референтните цени на светските берзи во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,63 отсто, кај дизелот за 4,63 отсто и кај екстра лесното масло за 3,99 отсто, додека кај мазутот е евидентирано минимално зголемување од 0,22 отсто. Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,16 отсто.Нови максимални цени од 20 декември:ЕУРОСУПЕР БС-95 – 71,00 денари за литарЕУРОСУПЕР БС-98 – 73,00 денари за литарЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 64,50 денари за литарЕкстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 65,50 денари за литарМазут М-1 НС – 32,635 денари за килограмСо одлуката, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се намалува за 2 денари по литар, додека цените на бензините, екстра лесното масло за домаќинство и мазутот остануваат на исто ниво.Од Регулаторната комисија потсетуваат дека станува збор за максимални цени, што значи дека трговците на големо и мало имаат можност да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени од утврдените.

Македонија | пред 3 месеци

media-library3k7bpcvs32gc3uCSLjo

Путин: Идејата дека Русија ќе ја нападне Европа е бесмислица

Рускиот претседател Владимир Путин на својата годишна прес-конференција остро ги отфрли тврдењата дека Русија планира напад врз Европа, оценувајќи ги како „бесмислица“ и дел од, како што рече, намерно креирана слика за Русија како закана.Одговарајќи на прашање на московскиот уредник на Би-Би-Си, Стив Розенберг, за идните планови на Русија и можноста за нови „специјални воени операции“, Путин упати серија обвинувања кон Западот и НАТО, обвинувајќи ги за поттикнување тензии.„Ќе ја нападнеме Европа? Тоа е бесмислица. Тие создаваат слика на непријател и ја претставуваат Русија како тој непријател“, изјави Путин.Тој посочи дека западните лидери, со јавни изјави за можен судир со Русија, намерно ја одржуваат атмосферата на страв и конфронтација, додавајќи дека таквиот пристап служи за внатрешнополитички цели во западните земји.Во својот настап, Путин се осврна и на, како што ги нарече, „валканите трикови“ на Западот, споменувајќи го и проблемот со „лажните вести“. Во тој контекст, тој ја спомена и тужбата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп против Би-Би-Си, користејќи ја како пример за, според него, пристрасно медиумско известување.Истовремено, Путин го бранеше рускиот политички систем, тврдејќи дека е стабилен и легитимен, и покрај постојаните критики од странство.И покрај острите пораки, рускиот претседател истакна дека Русија не ја исклучува можноста за соработка со западните земји, вклучително и со Соединетите Американски Држави и Велика Британија.Сепак, тој нагласи дека таквата соработка мора да биде заснована на „рамноправност“ и „меѓусебно почитување“.„Подготвени сме за соработка, но таа мора да се одвива на еднаква основа и со должно почитување“, порача Путин.

Свет | пред 3 месеци

media-librarynmsn1i4chdak0vPtUAY

(Видео) Вилма Русковска го пријавила Боки 13 за вознемирување, откако пак имаа крени-спушти телефон

Вилма Русковска го пријавила Бојан Јовановски-Боки 13 во полиција за вознемирување, откако тој вчера вечерта, додека беше вклучен во живо на „Јутуб“ телефонски и ѕвонел на нејзиниот мобилен телефон повеќе пати. Од МВР за „Скопје1“ ја потврдуваат пријавата.Од снимката може да се види дека Јовановски ја контактира Русковска со цел, како што вели, да ја праша за Фехми Стафа. Таа одговара на телефон, а откако Јовановски посочува дека таа е во живо, таа му вели „Добра ноќ“, на што тој враќа со „Не добра ноќ, ѓубре едно! Хохштаплерке, олошу“. Откако линијата исклучува Јовановски продолжува „Не добра ноќ да исклучуваш телефон,олошу. Не знае да ме блокира“.„Не спие бе, пие бе, какво спиење“, вели Јовановски.Потоа, Русковска неколку пати ги одбила повиците, а кога Јовановски и ѕвони на апликација, таа одговара и му вели: „Слушај да ти кажам, ако продолжиш да ѕвониш, во моментов те пријавувам во полиција“.Јовановски враќа: „Јас имам потреба да ве прашам бидејќи во моментов има 2.000 гледачи во живо, за вашата близина со Феми Стафа... од новинарски аспект, од новинарски апсект...“.Русковска му вели: „Само ако продолжиш, во полиција те пријавувам, пријатно“, на што Јовановски и вели „Хохштаплерке“.По затворање на повикот од страна на Русковска, Јовановски пак ја контактирал.Од МВР велат дека работат на случајот.„На 18.12.2025 година во 22:30 часот во СВР Скопје В.Р. пријавила дека била  телефонски вознемирена од страна на Б.Ј.“, велат од МВР.По пријавата, Јовановски вели: „Право на Вилма Русковска е да постави пријава пред надлежен орган. Ценам дека е неоснована и лажна пријава. А мое право е секако да третрам прашања кои се од интерес на јавноста, секогаш тоа ќе го правам. Не го ценам како вознемирување. Дотолку повеќе што е многу важно Вилма Русковска да одговори на последните прашања за нејзината поврзаност и во времето на нејзиниот мандат за близината со Феми Стафа. Ова е обид за цензура. Ова е класично заплашување, а не и се плашам на Русковска. Сметам дека е многу поважно и круцијално, Вилма Русковска да одговори за нејзината поврзаност со Феми Стафа. Во однос на тоа што третирам такви теми и во однос на тоа што секогаш кога има потреба од јавноста јас ќе ја контактирам за коментар. Во недостаток на аргументи таа пријавува во полиција. Нека пријавува ако нема попаметна работа, а верувам дека нема“.Бојан Јовановски претходно ја контактираше Вилма Русковска во живо и бараше одговори за случајот Рекет, за 27 април, снимка која беше и вирална.

Настани | пред 3 месеци

media-library3k7a62a50lbragt94sM

СДСМ до Уставниот суд: Да се укине неуставната Резолуција и да се заштити слободата на говор

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, денеска информираше дека партијата поднела иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Резолуцијата изгласана од парламентарното мнозинство на ДПМНЕ и ЗНАМ, оценувајќи ја како неуставна и опасна за демократијата.Според Димитријевиќ, Резолуцијата директно ги нарушува уставно загарантираните слободи, особено членот 16 од Уставот, кој ја гарантира слободата на говорот, јавното изразување, уверувањето и јавниот настап, а истовремено експлицитно забранува цензура во која било форма.„Кога се загрозени уставниот поредок и основните човекови права, потребна е заедничка и решителна реакција. Оваа Резолуција е директен напад врз слободата на говор и врз слободата на политичко дејствување на опозицијата“, изјави Димитријевиќ.Тој нагласи дека Резолуцијата не се однесува на заштита на јавниот ред или стабилноста, туку има за цел да ја замолчи јавната дебата за тема од исклучителен јавен интерес – договорот со Обединетото Кралство, за кој јавноста, како што рече, првично дознала од британските медиуми, а кој е поврзан со заем од 6 милијарди евра.„Не може ваква тема да се прогласува за создавање паника или закана за јавната стабилност. Не може Резолуција во Собрание да биде насочена против ‘наративот на опозицијата’ и да се заканува со кривични санкции поради искажан збор“, истакна Димитријевиќ.Според СДСМ, Уставниот суд има јасна уставна обврска да реагира, како врховен заштитник на уставноста, демократијата и основните човекови слободи.„Кога се загрозува Уставот, се загрозува и демократијата. Кога се забранува дебата и се воведува цензура, демократијата престанува да постои и се отвора пат кон режимско владеење“, порача генералниот секретар на СДСМ.Димитријевиќ најави дека СДСМ ќе продолжи со политичка и институционална борба за заштита на демократските вредности.„СДСМ отвори фронт за правда. Нема да дозволиме гушење на слободата на говор и на демократијата. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме демократијата и уставниот поредок на Македонија“, порача тој.

Македонија | пред 3 месеци

Press-Bogdanka-Kuzeska-2021-06-02

Со измените на Законот за странци се отвора пат за масовен увоз на странска работна сила, обвини СДСМ

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска изјави дека измените на Законот за странци, изгласани од парламентарното мнозинство на ДПМНЕ и ЗНАМ, претставуваат нов доказ за вистинитоста на тврдењата за договор „мигранти за пари“, за кои, како што рече, власта се обидува да воведе цензура и да ја замолчи јавната дебата.Според Кузеска, неуставната Резолуција, изгласана деновиве во Собранието, има една цел – да се спречи опозицијата и јавноста да зборуваат за суштински важна тема, за која веќе подолго време се пишува и во странските медиуми.„Кога немаат аргументи, се обидуваат да ја забранат вистината. Но вистината не може да се сокрие – таа секогаш излегува на површина“, изјави Кузеска.Како клучен аргумент, СДСМ ги посочува измените на Законот за странци, усвоени во септември годинава, со кои, како што тврдат, значително се олеснува постапката за добивање привремен престој за странски државјани по основ на вработување, особено за оние ангажирани на стратешки проекти со стратешки партнери.Кузеска нагласи дека измените во членовите 83, 85, 86 и 90 воведуваат низа исклучоци кои, според СДСМ, директно ја релаксираат контролата врз влезот и престојот на странска работна сила.Во член 83, како што наведе, се предвидува можност привремен престој за работа да се одобри без оглед на искористеноста на квотите и потребите на пазарот на труд, и тоа без мислење од Агенцијата за вработување, доколку станува збор за лице ангажирано на стратешки проект.Дополнително, се воведува обврска Министерството за економија и труд да издава потврда дека правниот субјект во кој работи странецот има статус на стратешки партнер.Договор за работа – доволен документВо член 85, според СДСМ, се оди чекор понатаму. Таму, како што истакна Кузеска, се предвидува дека привремениот престој за вработување може да се одобри само со договор за работа и кратко образложение, без останатите документи кои досега беа задолжителни.„Ова практично ги елиминира сите дополнителни контроли. Прашањето е – за кого важат овие олеснувања“, изјави Кузеска.Особено спорен, според СДСМ, е член 90, со кој се воведува можност странец ангажиран кај стратешки партнер да биде упатен на работа во Македонија за времетраењето на проектот, со можност за континуирано продолжување на привремениот престој.„Ако станува збор за големи инфраструктурни проекти, како железница, периодот на имплементација може да трае со децении. Тоа значи и долгорочен престој, со постојано продолжување“, рече Кузеска.На крајот, портпаролката на СДСМ порача дека прашањето е јасно и дека граѓаните сами можат да заклучат за кого се направени овие законски измени.„Затоа сакаат да ни забранат да зборуваме. Затоа се носат резолуции за замолчување. Но вистината е тука“, порача Кузеска.

Македонија | пред 3 месеци

Screenshot-2024-09-02-at-08.29.55

Патничка тешко повредена при нагло кочење на автобус во Скопје

61-годишна скопјанка се здобила со тешки телесни повреди откако паднала во автобус од јавниот превоз во Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.Според пријавата, на 18 декември 2025 година, во СВР Скопје, З.А. (61) од Скопје пријавила дека на 25 ноември 2025 година, околу 08:45 часот, додека се превезувала како патник во автобус, при нагло кочење на возилото паднала и се повредила.Тешките телесни повреди ѝ биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Скопје | пред 3 месеци

media-libraryeq7tv8cc9qc84AAm9Qw

Со остар предмет се обидел да нападне четири малолетници - пријава за младо лице од Тетово

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Д. (25) од Тетово, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, соопшти Министерството за внатрешни работи.Според пријавата, на 11 декември 2025 година, во Тетово, пријавениот со употреба на остар предмет се обидел да нападне четири малолетни лица, при што предизвикал чувство на страв и загрозување на нивната безбедност.Случајот е целосно документиран и доставен до надлежното јавно обвинителство за понатамошна постапка.

Македонија | пред 3 месеци

pari

Банкар од Прилеп осомничен за злоупотреба: си ги зголемувал кредитните лимити и стекнал над пола милион денари

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.С. (35) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, соопшти Министерството за внатрешни работи.Според наводите во пријавата, пријавениот, во својство на службено лице вработено во банка во Битола, во повеќе наврати неовластено ги зголемувал лимитите на сопствената кредитна картичка и специјален лимит, како и лимитот на кредитната картичка на неговата сопруга.Покрај тоа, осомничениот незаконски го зголемил својот имот, како и имотот на сопругата и мајката, овозможувајќи за себе и за нив да се стекнат со вкупна противправна материјална корист во износ од 657.400 денари.Случајот е целосно документиран и доставен до надлежното јавно обвинителство за понатамошна постапка.

Македонија | пред 3 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања