Доналд Трамп размислува да побара од арапските земји да помогнат во финансирањето на војната против Иран, откри портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
На прашање од новинарите дали арапските држави би учествувале во покривање на трошоците за конфликтот, Левит потврди дека станува збор за идеја која веќе постои во круговите на администрацијата, но избегна да даде конкретни детали пред официјалното обраќање на Трамп.
„Мислам дека претседателот би бил прилично заинтересиран да ги повика да го направат тоа“, изјави таа, додавајќи дека јавноста наскоро ќе слушне повеќе за оваа иницијатива.
Истовремено, од Вашингтон тврдат дека дипломатските контакти со Техеран не се прекинати. Според Левит, разговорите со Иран „продолжуваат и напредуваат“, иако јавните позиции на иранските власти се разликуваат од она што, како што вели, го комуницираат приватно.
Таа нагласи дека САД внимателно ќе ги проверуваат сите пораки и евентуални договори со Иран, со цел да се осигура дека Техеран ќе ги исполни преземените обврски.
Изјавите доаѓаат во момент на засилени тензии, откако Трамп претходно предупреди дека иранската енергетска инфраструктура може да биде цел на напади доколку не се отвори Ормутскиот теснец, клучна рута за глобалниот транспорт на нафта.