Иран повторно ги демантираше тврдењата дека води преговори со САД, нагласувајќи дека разговори нема и нема да има додека трае, како што ја нарекува, американската воена агресија.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаеил Багаеи, соопшти дека од почетокот на конфликтот не е одржан ниту еден директен контакт меѓу Иран и Вашингтон.
„Во изминатите 31 ден не водевме никакви преговори со Америка. Имаше само американско барање за разговори и предлози доставени преку посредници, вклучително и Пакистан“, наведе Багаеи во објава на социјалната мрежа X.
Тој потенцираше дека приоритет на Техеран во моментот е одбраната на државата и дека нема простор за дипломатски процес додека траат воените операции. Дополнително, посочи дека Иран има негативни искуства од претходни обиди за дипломатија, кои, според него, завршиле со „предавство“.
Изјавите од Техеран се во директна спротивност со позицијата на Белата куќа. Портпаролката Каролин Левит тврди дека разговорите сепак се одвиваат и дека има напредок.
„Преостанатите елементи на иранскиот режим сакаат да го запрат уништувањето и да седнат на преговарачка маса додека сè уште можат“, изјави Левит, додавајќи дека разговорите „продолжуваат и се одвиваат добро“, и покрај, како што рече, „јавниот наратив“ од Техеран.
Ситуацијата дополнително ја продлабочува неизвесноста околу можен дипломатски излез од конфликтот, кој засега останува без јасни сигнали за деескалација.